Дел од „Библискиот речник“

Во ова продолжение ќе претставиме дел од „Библискиот речник“, преку имињата, зборовите, изразите, називите,  лексикографските термини…: од Хилкија – првосвештеник во времето на Јосија кој ја открил заборавената Книга на Закони – до зборот Црква, кој во светлината на НЗ таа е заедница на светите, односно на оние кои веруваат во Христос

Хилкија – 1) првосвештеник во времето на Јосија. Ја открил заборавената Книга на Закони (4 Цар 22); 2) татко на Елијаким, дворјанин на царот Језекија (4 Цар 18,18).

Хирам – една од династиите цареви на фениќанското пристаниште Тир, на половина пат меѓу денешните пристаништа Хаифа и Бејрут.

Хиркан – Јован, син на Симон Макавејски, крал и првосвештеник на Евреите во периодот од 134до 104г.пр.И.Х. Се обидел да ги освои повторно териториите со кои владеел Давид. Ги поразил Идумејците и ги присилил да станат Евреи.

Хоразин – рид на Галилејското Езеро. Христос ги отфрлил неговите непокаени жители (Мт 11,21).

Хорат (Керит) – поток кој веројатно се влевал во Јордан од Галад. Пророкот Илија се сокривал во џбуновитите предели на неговите брегови (ЗЦар 17,3). 

Хорив – в. Синај

Хорити – многу старо племе, се смета дека било несемитско и дека живеело на север на Месопотамија. Подоцна се распрскало по Блискиот Исток. Ги поразиле Хетејците, а подоцна и Асирците (1 Мој14,6) ,Се нарекуваат уште и Хивити и Хуријани.

Храм – светилиште за Бога. За време на патувањето низ пустината, Евреите имале подвижно светилиште, Шаторот или Скинијата на Заветот, во кој бил Ковчегот на Заветот и облакот кој го означувал Божјото присуство. По освојувањето и населувањето на ветената земја, имале различни места за богослужење. Давид сакал да Му подигне храм на Бога, но заради неговите гревови не го сторил тоа, туку му ја препуштил задачата на Соломон. Тој го изградил храмот околу 950 г.пр.И.Х. Вавилонците го срушиле во 586 г. пр. И. X. Вториот храм е изграден во периодот меѓу 520 и 516 г. пр. И. X., со големи напори на пророците Агеј и Захарија. Ирод Велики го подигнал третиот храм во 19 г. пр. И. X. Римјаните го срушиле во 70 г,, а до денес се останати рушевини од него -т.н. ,,Ѕид на плачот”. Храмот бил единственото место каде Евреите можеле да ги принесуваат жртвите. Бил верски центар за сите Евреи (3 Цар 5,1-6). По разорувањето на последниот храм, како места за богослужење се користат синагогите. в. Шатор на состанокот. 

1svet12345Стара црква

Храмовен порез – секој возрасен Евреин плаќал данок за храмот кој изнесувал отприлика колку две работнички дневници. Само свештениците и делумно учителите на Законот биле ослободени од таа обврска.

Хрисолит – многу цврст скапоцен камен од семејството на сма-рагдите. Во Откр 21,20 најверо-јатно се работи за жолт сафир.

Христос – античко грчки превод на еврејскиот израз Машијах, што значи помазаник, цар. Во христијанските цркви, каде се зборувало античко грчки, Христос брзо се прифатило како Исусово име. Во Израел долго се очекувал Месијата, царот на последното време и потомок на Давид (Ис 11,1-9). Во времето на Исус, некои еврејски кругови очекувале да се појавиМесијата што ќе ги отфрли од власт римските окупатори и ќе воспостави моќно еврејско царство. Тие очекувања дошле до израз кога Исус влегол во Ерусалим (Мк 11,1-10). Од вакви претстави за Месијата не биле ослободени ни Исусовите ученици (Лк 24,21). Римјаните Го распнале Исус како политички бунтовник, „Цар Јудејски”. Но Исус не одговарал на ваквите очекувања и со тоа спласнале еврејските очекувања од Него. Христијанската црква учи дека Тој е вистинскиот Спасител и Месија, Кого Бог им Го пратил на луѓето.

Христијанин – следбеник на Исус Христос. Овој израз прв пат го примениле во Антиохија противниците нановата религија (Дап 11,26).

Христијанство – една од големите светски религии. Води потекло од еврејството, но Христос проповедал ново Евангелие. Христијаните веруваат дека Исус е Месијата, син на самиот Бог, Кој земал човечка природа и со својот живот, смртта и Воскреснувањето понудил пат кон Небесното царство.

Цар – израз кој се однесува ина кралевите и на пониските владетели што се спомнуваат во СП. На пример, Ирод бил вазален крал во Римската империја, а царевите на поедини градови што се спомнуваат во СЗ биле најобични владетели.

Цареви –1,2,3, и 4 Книга– според Септуагинтата четири книги, а според некои други преводи поделени се на Прва и Втора Самуилова и Прва и Втора Цареви. Во нив се содржани биографиите наСамуил, Саул и Давид иопфаќаат период од околу 80 години. Подоцна, околу 550 г.пр.И.Х. книгите се ревидирани и доведени во денешен облик. Порано двете биле една целина. Третата и Четвртата во македонскиот превод, односно Првата иВтората книга, отпрвин биле една книга, која зборува за историјата на Израел од последните денови на царувањето на царот Давид (околу 1000 г.пр.И.Х.) до ослободувањето на царот Јехонија од ропството во Вавилон (околу 560 г.пр.И.Х.). Се опишува и владеењето на Соломон иисторијата на поделеното царство: Јудиното иИзраел се до одведувањето на Евреите во Вавилон. Писателите на книгите го прикажуваат и односот на Евреите кон Бога, а не само нивната историја. Насловувањето на книгите во македонскиот превод е извршено според она во црковнословенската Библијаи во Вулгатата.

Цареви Јудини и цареви Израелски – Хронологијата на поделеното царство е заснована врз истражувањата на др В. Олбрајт и важи за општо – прифатена во науката; Историјата на овие царства е забележана во СЗ во книгите на Царевите и во Летописите. Но за многу збиднувања во овие царства се зборува и во пророчките книги. Ниту еден од тие цареви не се одликувал со високи морални особини или посебна религиозност. Многумина од нив се оддале на идолопоклонство. Израелското царство имало 18 цареви, а постоело 200 години.

Царинарница – канцеларија каде Евреите под римска власт ја плаќале царината, односно данокот. Цариниците биле приватни лица на кои Римјаните им го изнајмувале правото за собирање на данокот. Тие морале да платат одреден износ, а остатокот го задржувале. Имале и свои чиновници, а некои се познати како чиновнички старешини. Биле омразени меѓу народот, а бидејќи биле третирани како грешници (Мт 9,11), било соблазнително дружењето со нив, Христос бил во куќата на цариникот Закхеј (Лк 19,2-10). Матеј „цариникот” бил повикан за апостол (Мт 9,9), Царините не биле тоа што денес се подразбира под царина.туку биле давачки воопшто.

1svet223Црвено Море

Царство Божјо – во новозаветно време Јудејците копнееле по доаѓањето на Бога како апсолутен господар. Во фарисејските кругови се зборувало за „јаремот на Божјото Царство”, за оние што се потчинуваат на Божјите заповеди. Други зборувале дека Бог ќе му ставу крај на светот каков што е и ќе воспостави свое неограничено царство. Тие се воздржувале од активен политички живот, но имало и такви меѓу Евреите, како што биле Зилотите. Тие се стремеле кон отфрлање на римската власт и воспоставување на царство на земјата со кое ќе владее нов Давид. Тие очекувања биле пренесени на Исус и Тој е и убиен како бунтовник против римската власт (Мк 11,10; Мк 15,2.26), Тој самиот воопшто не покажал интерес кон власта на земјата – дури и одбивал такво нешто (Јв 18,36). Исус објавил дека Бог ќе востанови свое Царство (Мк 1,15), нево некоја далечна идн-на, туку токму сега. Со Своите дела и зборови Тој тоа царство и го остварил (Лк 17,20-21). Но до потполно остварување ќе дојде кога повторно ќе дојде и ќе седне на царскиот престол и сите народи ќе Го видат онаков каков што е (Мт 25,31-46).

Царство на смртта – подрачје каде владее смртта. Во него се мртвите до сеопштото воскреснување (Откр 6,8).

Царство небесно – друго име за Божјото Царство. Се среќава само во Мт 13,31. Имено, Евреите избегнувајќи да го изговорат Божјото име, вевеле „небо“, тој итн.

Цезар (кесар, ќесар) – титула на повеќемина римски императори (Лк 2,1)

Цигурат (зигурат)  – платформа од цигли, скалесто изградена, по изгледот потсеќа на скалеста пирамида. Надворешните скалила воделе до малиот храм на врвот. Во СП цигуратот не се споменува по име, но Вавилонсктата кула била цигурат во Вавилон (1 Мој 11,1-7).

Црвено Море  – североисточниот дел од Арапскиот Залив (4 Мој 21,4). Не се знае точно каде било местото на премин на Евреите од Египет според 2 Мој 13,18.

Црква – Во СП не постои дефиниција за црква. Во светлината на НЗ таа е заедница на светите, односно на оние кои веруваат во Христос. Зборот ,,црква” по потекло е словенски израз (церков) кој пак е превод на античко грчкиот израз „еклисија” (ек – од и калео – повикувам), кој во НЗ се користи за означување на организирана заедница која Го исповеда Исус Христос, која редовно се состанува и богослужи. Како што следбениците на Исус Христос се појавувале во различни градови, почнал да се користи изразот „црква”, зашто христијанската заедница во секое засебно место се сметала за црква. Никаде во НЗ не се користи зборот црква за да ја означи зградата за собирање на христијаните. Инаку самиот збор црква доаѓа од старогрчкиот збор Кириакос – Господов дом.

Црквени старешини – според еврејскиот начин на богослужење, така и христијанските цркви првобитно биле управувани од група старешини, одговорни најпрвин на апостолите во Ерусалимската црква (Дап 11,30), а подоцна и на епископите, кои ги поставувале (Дап 14,23).

Продолжува  

Пишуваат:

1slave 4 ПЕТКО ЗЛАТЕСКИ И

1slave 3 СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *