ОД НАЗИВОТ СВАДБЕНА ОБЛЕКА – ДО МЕРКАТА ЗА ТЕЖИНА СИКАЛ (ШЕКЕЛ)

Во ова продолжение за читателите ќе претставиме дел од „Библискиот речник“, преку имињата, зборовите, изразите, називите,  лексикографските термини…: од називот свадбена облека  која на секој од сватовите му се оставала на располагање и бил должен да ја облече, до изразот сикал (шекел) – на еврејски шекел – мери, стара вавилонска мерка за тежина

Свадбена облека – (Мт 22,11), на Исток, на секој од сватовите му се оставала на располагање и билдолжен да ја облече. Ако некој одбиел, се отстранувал од свадбата. Во тоа светло е јасна приказната што ја кажувал Исус за домаќинот кој го истерал сватот без свадбена облека, иако порано ги собирал гостите од сите страни. Праведноста и светоста се свадбената облека во која ќе се облечат вистинските верни на вечерата на Јагнето Божјо.

Светецот Израелски – израз за Бога, го користеле еврејските пророци, особено Исаија (Ис 30,12).

Светиот Дух – на еврејски руах, третото лице од Светата Троица, Троединиот Бога, покрај Отецот и Синот. Дејствува низ целата историја на спасување на луѓето. Но се’ до времето на НЗ, во СП нема многу објаснувања за СД. Духот Бојжи бил активен во моментите на создавање на светот (1 Мој1). Поседува Божествени атрибути: насекаде е присутен, има власт над се’, на пророците им подарил инспирација за Божјиот збор. Во СЗ се очекува денот кога СД ќе се излие врз сите народи. СД се симнал врз Исус Христос додека Тој се крштевал во водите на Јордан. Го одвел во пустината, додека ѓаволот Го искушувал. На почетокот од Своето јавно делување, Христос објавил дека ќе работи со силата на Духот. Јован Крстител рекол дека Исус ќе ги крштева луѓето со Светиот Дух. Самиот Исус лично им ветил на учениците дека кога Тој ќе замине од нив, ќе им Го прати СД да остане со нив за сите времиња. Учениците се крстени на денот на Педесетница со СД, според ветувањето на Исус. Начинот на славење на Бога се променил. Така се исполнило пророштвото на Јоил, дека Бог ќе го излие Својот Дух на сите верни. СД им помага на христијаните во нивното заедништво со Бога, им дава дарови потребни за Божјата служба (1 Мој 1,2; Пс 139,7-12; Суд 3,10; 14,6; Ис 11,1-3; 2 Цар 23,2-5; Јоил 2,28029; Мих 3,8; Лк 1,35; 3,22; 4,1-18; 3,16; Јв 14,16-17; 16,7-15; Дап 2; Рим 8; 1 Кор 12; Гал 5,22-23).

Свето Писмо (Библија) – на грчки вивлион, што значи книга, а множинската форма е библиа, односно вивлиа. Книгите на СП се делат на СЗ и НЗ. Поедини христијански цркви признаваат различен број на канонски книги на СП, односно некои цркви прифаќаат извесен број од девтероканонските книги. Имено, Православната црква во канонот на СЗ вбројува 50, а во НЗ 27 книги. Католичката црква во СЗ брои 46, а во НЗ 27 книги. Протестантската црква не ги прифаќа девтероканонските книги и во канонот на СЗ има 39, а во НЗ 27 книги. СП опфаќа период од неколку илјади години, а пишувано е од различни писатели, од овчари и рибари, до лекари и правници. Денес скоро и да нема јазик во светот, на кој не е преведено СП. Македонскиот превод на НЗ е од 1967, а целото СП е од 1990 г.

Светилка – глинена ламба во која горело масло. Се изработувала и од камен (4Цар4,10). Фитилот се правел обично од лен (Лк 15,8).

Свиња – нечисто животно за Евреите, забрането и за жртва, и за јадење (3 Мој 11,7; 5 Мој 14,8). И во Египет и во Етиопија ја сметале за нечисто животно и била забранета. За Евреите е гадост, зашто дивиот вепар е една од метаморфозите на вавилонскиот бог Тамуз, подоцна измешан со култот на Адонис (Ез 8,14). Се сметало дека јадењето на свинското месо во топлите земји може да предизвика кожни болести. За Евреите свињата целосно била одвратна, не само месото (Мт 7,6; 2 Пет 2,22), а одгледувањето свињи најдолната работа за еден Евреин (Лк 15,15). Во Декаполис, старогрчката колонија, свинското месо било на цена, Таму Исус го сретнал крдото свињи (Лк 5,11-13).

Свиток – древни записи пишувани на папирус или пергамент. Се пишувало од десно на лево (како и денес на еврејски, арапски итн.), па ролната, односно свитокот се одвртувал на десно, за да се дојде до бараното поглавје. Свитокот се држел во скут. Господ Исус Христос читал од книга, односно. свиток на дванаесет годишна возраст, во синагогата. Во древниот Израел немало неписмени мажи (Лк 4,15-30).

Свод – 1) град на територијата на племето Симеоново, едно од дванаесетте израелски племиња (ИН 19,2); 2) човек од Венијаминовото племе кој го повел бунтот против царот Давид, откако побуната на Авесалом била угушена. Бил прогонуван од Јоав, а убиен од една мудра жена (2 Цар 20).

Седекија – правда Господова; последниот цар на Јудеја, владеел околу 598-587 пр.И.Х. (4 Цар 24,17-25). Навуходоносор го поставил за регент во Ерусалим и му плаќал данок на вавилонскиот цар. Го наговарале да побара помош од Египет, но Еремија се спротивставил. На крајот Седекија се побунил против Вавилон, но Ерусалим бил опколен и поразен. Седекија гледал како му ги убиваат синовите, а нему му ги ископале очите, го оковале и го одвеле во Вавилон, каде и умрел.

Седмокнижие (Хептатеух) – заедничко име за Мојсеевите книги и Книгите на Исус Навин и за Судиите. 

        1bibl1

Папирус

 

Седрах – еврејски висок службеник во Вавилон, владеел околу 859-824 г.пр.ИХ, кој заедно со Авденаго и Мисах бил фрлен во вжарена печка зашто одбил да го обожува златниот кип на Навуходоносор. Бил спасен со Божја помош (Дан 3,1-30).

Села – жената на Ламех и мајката на Товелкаин (1 Мој4,19-23).

Селевкиди (Селеуци) – семејство или династија на цареви кои владееле со Персија, Вавилонија, Сирија и дел од Мала Азија (околу 312-129 г. пр.И.Х.). Од тие цареви најповрзан со старозаветната историј абил Антиох IV Епифан (175-163 г.пр.И.Х.) кој го ограбил Ерусалим и храмот и го воспоставил култот на Јупитер Олимписки, убил многу Евреи и своите верски погледи се обидувал да им ги наметне на потчинетите. Таквото негово однесување предизвикало омраза и побуна, предводена од Макавејците, после што настапил период на мир.

Селевкија – пристаниште на Антиохија во Сирија, изградено од првиот селевкидски цар, и наречено по него. Ап. Павле и Варнава оттаму тргнале за Кипар на своето прво мисионерско патување (Дап 13,4).

Селтуагинта – превод на СЗ од еврејски на грчки, некаде околу 250 г.пр.И.Х. во Александрија. Името го добил според седумде-сетте (на лат. септуагинта) преведувачи. Поточно, биле 72, од секое племе по 6. Преводот бил користен од новозаветните писатели, од првите христијани, а се користи до денешен ден. Од него се направени подоцна ла-тинскиот (Вулгата), како и слое-енските преводи.

Слуга Господов – оној кој признава дека Бог е над Него. Изразот се применува за главната личност на некои делови од Книгата на пророкот Исаија: 42; 1-4; 49,1-6; 50,4-9:52,13-53,12.

Служба со очите – привидна служба (Кол 3,22).

Семити – потомците на Сим, синот на Ное. Тоа била група народи кои живееле во западна Азија од околу 3000 г.пр.И.Х. па понатаму, тие ги напуштале просторите на Арабија. Меѓу нив биле и Евреите. Културите и религиите им биле различни, но јазиците блиски. Ханаанците, Фениќаните, Амонитите, Арабјаните, Асирците и Вавилонците, биле припадници на семитската група народи. На подрачјата што ги населувале, настанале писмата, како и еврејската, христијанската и исламската религија.

1bibl2Измир

Смирна – 1) денешен Измир во Турција, на егејскиот брег. Бил седиште на една од деветте цркви во Мала Азија. Иако после 300 г. пр.И.Х. бил еден од најбогатите градови во Мала Азија, христијаните во него биле многу сиромашни, зашто одбивале да му се поклонат на римскиот император. Но биле духовно богати (Откр 25,29). Едно од посланијата од Откровението било упатено на христијанската заедница во Смирна (Откр2,8-11); 2) еден од трите дара кој му биле принесени на новородениот Исус (Мт 2,11). Вино измешано со смирна Му било дадено на распнатиот Исус да пие. А со мешавина од смирна и алоа Му било премачкано телото пред погребот (Јв 19,39-40);

Семоќен – Бог, Кој ја има целата власт имоќ (Јбв 29,5).

Сенарска долина – рамничарска област околу Вавилон. Најпрво свој културен печат таму оставиле Сумерите, околу 4000 г.пр.И.Х. Таму Навуходоносор ги однел ограбените богатства од ерусалимскиот храм (Дан 1,1-2).

Сенахерим (Сенахириб, Сан-хериб) – син на Саргон 11, кој владеел во Асирија околу 705-861 г.пр.И.Х. Бил голем државник и војсководец. Престолнината му била во Нинива. Примал данок од старогрчките острови и од Тарс, а склучил сојуз со Египет. Јудејското царство и палестинските градови кревале побуни против него, а тој ја префрлил својата војска кон Ерусалим и го опсадил Лахис. Го убил еден од неговите синови (4Цар18-19;2Лт32; Ис 36-27).

Сеница – засолниште направено од гранки под кои земјоделецот или сточарот почивал во ладовина (Јона 4,5).

Серафими – според некои значи пламени, а според други возвишени, благородни, еден од чиновите во небесната хиерархија. Пророкот Исаија во својата визија ги видел најблизу до Бога (Ис 11,2.6), како го опкружуваат Божјиот престол. Ги опишува со човечки лик, со шест крилја, со еден пар, го засолнуваат лицето, со другиот нозете, а со третиот летаат, пеејќи: „Свет е , свет е, свет е Господ Саваот!” Исто како и херувимите, се спомнуваат само во множинска форма.

Сергиј Павле – римски проконзул, намесник без воена власт на островот Кипар, околу 47 г.

Сефора – една од седумте ќерки на Јотор и жена на Мојсеј. Се омажила за него, уште кога бил бегалец во Мидијан. Синот го нарекла Гирсам (2 Мој 2,11-22). 

Сиван (зиван) – месец во еврејскиот календар, одговара на делови од месеците мај и јуни (Ест 8,9).

Сигор – ситен: еден од петте градови во равницата источно од Мртвото Море. Единствен од нив кој не бил разурнат (1 Мој 19,22-30).

Сидон -рибарница, древен фениќански град на источниот брег на Средоземното Море, северно до Тир, во денешен Либан. Градот го снабдувал Соломон со дрво за градба на храмот, а подоцна Евреите повратници од вавилонското ропство од Сидон носеле повторно дрво за обновување на храмот. Езавела, ќерката на сидонскиот цар, се омажила за Ахав, израелскиот цар. Градот имал бурна историја, бил освојуван од разни освојувачи: Асирци, Вавилонци и Персијанци. Повторно добил значење под римска власт. Негов постојан соперник бил градот Тир. Во НЗ Тир иСидон ги означуваат и градовите, и подрачјата околу нив (Мт 11,12; 15,21). Христос доаѓал во сидонските предели, а апостолот Павле пред патувањето во Рим ги посетил пријателите во Сидон (Дап27,3). 

Сикал (шекел) – на еврејски шекел – мери, стара вавилонска мерка за тежина. Подоцна Евреите  ковале  пари  со  истатате тежина, зашто во почетокот и парите се мереле. Во 2 Мој 30,13 се објаснува дека вредноста на сикалот е 20 парички. Постојат различнисикали,пр. по кралска мера (2 Цар 14,26), по храмска мера (2 Цар 14,26). Како мерки се користат и половина сикал, тре-тина, четвртина, дванаесеттина итн; в. Пари.

Продолжува  

Пишуваат:

1slave 4 ПЕТКО ЗЛАТЕСКИ И

1slave 3 СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *