Северна Македонија не е веќе изземена од алатката за контрола на извоз на вакцини од ЕУ

Европската Комисија денеска воведе неколку промени во својот механизам за авторизација на извоз на вакцини кон трети земји, целта е да има поголема транспарентност во трговијата со вакцини, една од последиците е што земјите од западниот Балкан нема повеќе да бидат изземени, вклучително и Северна Македонија.

Овие промени следуваат откако ЕУ се соочи со бројни проблеми околу испораката на вакцини од страна на фармацевтските компании и недостатокот на дози во земјите членки за да се вакцинира населението.

Механизмот подразбира дека од сега натаму пропорционалноста и реципроцитетот ќе бидат водечки принципи на дозволите за извоз на вакцини кон трети земји.

Според претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен, потребата од овие промени доаѓа од тоа што земјите на ЕУ се соочуваат со трет бран од Ковид-19, додека некои компании не си ги почитуваат обврските од склучените договори за испорака на дози во ЕУ.

Освен промените во делот на реципроцитет и пропорционалност, денешните измени во регулативата вклучуваат и седумнаесет земји кои досега беа изземени од овој механизам за надзор на извозот, меѓу нив е и Северна Македонија, како и сите други земји од регионот и уште единаесет земји ширум светот.

Остануваат изземени 92 земји со низок или среден приход како и извозот на вакцини за хуманитарни цели.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *