Рестрикциите на грчката Влада и посебните правила за влез во земјата преку граничниот премин Евзони (Богородица), кои важат и за возачите на камиони и понатаму, создаваат проблеми за транспортерите и редици на границата, а од СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ размислуваат за одржување нов протест, јави дописничката на МИА од Атина.
Воведеното временско ограничување за влез на камиони од Евзони, меѓу 7 и 19 часот, како и бавниот процес на спроведување на брзите тестови од екипите на Националната организација за јавно здравје, се главните проблеми со кои се соочуваат транспортерите, како што за МИА објаснува претседателот на Федерацијата на транспортери на Грција, Апостолос Кенанидис.
-Бараме конкретниот граничен премин, што е главен влез и главен излез на камионите од Грција кон Европа да работи 24 часа, како во изминатите години и да се зајакнат тимовите на Националната организација за јавно здравје на Грција што вршат брзи тестови. Нека ги тестираат сите возачи, но не со еден тим, на пример да има три мобилни тимови, да се зајакнат, за да можат да постигнат да ги тестираат сите, вели Кенанидис.
Претседателот на Федерацијата во разговор со дописничката на МИА од Атина објаснува дека под нормални услови преку Евзони дневно, поминуваат по 2.000 камиони, 1.000 за влез и уште толку за излез од Грција.
-Сега има редици, но многу, странски транспортери одбираат да возат 200 километри повеќе за влез преку Промахонас од Бугарија. Таму воопшто нема контрола за ковид-19. Полесно поминуваат од таму, објаснува Кенанидис и истакнува дека не може истите мерки да важат и за Евзони и за Какавиа од Албанија, бидејќи таму, фреквенцијата на камиони е значително помала.
Мерките беа воведени на почетокот на месецов, а од Федерацијата веднаш испратија писма до надлежните грчки министерства, пренесувајќи ги нивните забелешки и барања, но 24 дена подоцна, како што вели претседателот, за жал уште немаат добиено одговор.
Транспортерите од Северна Македонија и Грција, пред 20 дена, кога за првпат беа спроведени мерките, одржаа протест на Евзони и симболично, три часа беше затворен граничниот премин меѓу двете земји.
Од СИЗ Македонија сообраќај АМЕРИТ ја оставаат отворена можноста за одржување нов протест, во петок, а преку нивниот официјален Фејсбук профил велат дека „сѐ почести се барањата на транспортерите за организирање на протест поради рестрикциите што ги воведе Грција, а ги продолжи до 5 април“ и бараат од нивните членови да се изјаснат дали би поддржале евентуален протест.
-Неприфатливо е единствениот граничен премин со Грција да работи само 12 часа. АМЕРИТ секогаш е на страната на транспортерите, а бидејќи ги исцрпевме сите мерки, со безброј барања до сите надлежни институции во земјата и во странство, кои не вродија со позитивен резултат, ќе поддржиме ваков протест доколку тоа од нас го бараат членките, пишуваат од АМЕРИТ и бараат одговор од членовите, додавајќи дека ако добијат поддршка протестот ќе го закажат за петок, на 26 март.
Претседателот на Федерацијата на транспортери на Грција за МИА објасни дека вчера бил на граничниот премин Евзони, каде што разговарал со надлежните за да се воспостави подобар ред и додава дека истото ќе го стори и денеска.
Muchas gracias. ?Como puedo iniciar sesion?
Muchas gracias. ?Como puedo iniciar sesion?