Скопје и Софија остануваат посветени на унапредување на односите, Западниот Балкан и натаму приоритет за Брисел

Премиерите на Северна Македонија и Бугарија, Зоран Заев и Бојко Борисов вчера во телефонски разговор се согласија дека одговорите на прашањата што се отворија меѓу двете земји се содржат во Договорот за добрососедство и пријателство, додека во исто време од Брисел дојдоа пораки дека Западниот Балкан останува приоритет за Унијата, како и заложби за старт на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија што е можно побрзо.

По разговорот со Борисов, премиерот Заев на својот фејсбук-профил објави дека заеднички споделиле заложба што поскоро да се дојде до решенија кои ќе поттикнат унапредување на односите меѓу Северна Македонија и Бугарија и дека „во минатото на нашите две земји има основа на која треба да ја градиме нашата заедничка иднина во ЕУ“.

Разговорот Заев – Борисов, според владиниот портпарол Душко Арсовски, е уште една потврда дека низ комуникација, дијалог и зачестени контакти може да се дојде до решение.

Сопоред него, заедничкиот заклучок оти решението е во самиот Договор за добрососедство и пријателство од 2017, е токму она на за што Владата постојано се залага и опстојува дека тој е одлична рамка за изнаоѓање решение за сите отворени прашања.

Заедничката иднина на земјите од  регионот во ЕУ беше тема и на разговорите на првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби и албанскиот претседател Илир Мета во Тирана. Груби и Мета оценија дека патот на заедничката интеграција на Скопје и Тирана во ЕУ е полн со предизвици, но мора да се финализираа со успех за двете земји, чија цел е вклучување во големото европско семејство.

Пристапниот процес на Северна Македонија и на Албанија во ЕУ беше тема и на вчерашниот разговор на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји со германскиот министер за надворешни работи, Хајко Мас.

– Добра дискусија. Разменивме мислења за Западниот Балкан и потребата да се оди напред со процесот на проширување на ЕУ, вклучително преку отворање на преговорите за членство со Албанија и Северна Македонија што е можно побргу, напиша Вархеји на Твитер по средбата.

По вчерашниот состаник на министрите за надворешни работи на ЕУ, високиот претставник за надворешна политика и безбедност на Унијата, Жосеп Борел порача дека земјите од регионот остануваат приоритет за блокот.

Борел упати уверување до лидерите од регионот дека земјите се важни за ЕУ и дека тоа било потврдено и на министерскиот состанок во Брисел.

– Разговаравме за неодамнешната посета на Мирослав Лајчак во регионот и ќе имаме целосна дискусија за Западниот Балкан на наредниот Совет за надворешни работи. Западниот Балкан е и ќе продолжи да биде приоритет за ЕУ, изјави Борел.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *