Османи: НАТО – за нашите деца да живеат во мир

На 27 март 2020 година Република Северна Македонија стана 30-та земја членка на НАТО, со што се реализираше една од најважни стратешки цели на државата, што беше зацртана со едногласна одлука на Собранието уште во 1993 година, објави министерот за надворешни работи Бујар Османи на блогот на МНР во пресрет на утрешното заседание на Севрноатлатскиот совет на ниво на шефови на дипломатии.

– Членството во НАТО е суверен израз на нашиот избор дека сакаме да бидеме дел од евро-атлантската заедница на демократии. Оваа наша заедничка цел секогаш имала силна поддршка од јавноста и уживала широк натпартиски и меѓуетнички консензус. Различни генерации на политичари, професионалци од јавната администрација и од Армијата со години беа посветени на реализацијата на нашата заедничка стратешка цел. И конечно сите заедно успеавме да го постигнеме тоа минатата година на крајот од март, наведува Османи додавајќи дека членството во НАТО е една од најдобрите работи што се имаат случено за нашата држава.

Според него, членството во НАТО е најголемиот придонес за нашата безбедност и стабилност и гаранција за заштита на територијалниот интегритет и на суверенитетот на Република Северна Македонија, но и придонес за безбедноста и стабилноста на нашиот регион.

– Нашето членство во НАТО го користиме и како шанса да дадеме активен придонес во функционирањето на Алијансата и на нејзиниот развој. Седиме на маса заедно со некои од најголемите и најразвиените земји во светот. Од 30-те членки на НАТО, 21 земја се членки и на ЕУ. Ние сме еднаков дел од ова големо семејство на развиени демократии. Заедно со нив го даваме нашиот придонес кон светскиот мир и безбедност. Ние не сме повеќе објект во геополитичките дискусии, сега сме субјект кој активно придонесува во дискусиите и во носењето на одлуки по сите прашања, истакнува Османи додавајќи дека со роа земјава има споделена одговорност и обврска да дадеме придонес кон одржувањето на мирот, безбедноста и стабилноста.

Тој посочува дека во денешниот современ свет на појава на нови предизвици и закани и случувања кои ја менуваат геополитичката реалност, земјава како дел од НАТО е во сосема поинаква ситуација.

– За нас, најважно од сѐ е што тоа е организација која е изградена на заеднички демократски вредности. Демократските вредности ги споделуваме со нашите сојузници и членството во НАТО ни помага тие вредности да ги чуваме, развиваме и да ги промовираме. Несомнено е дека развојот на нашата демократија беше возможен заради домашниот консензус и амбиција, но и заради меѓународната поддршката за нашата евроатлантска ориентација. Членството во НАТО е дополнителен мотив за социјална кохезија во Северна Македонија и служи за зајакнување на отпорноста на нашата демократија, додава Османи.

Тој потенцира дека е припадник на генерацијата чија младост ја одбележа неизвесноста и нестабилноста во нашиот регион и во нашата држава и време кога многу семејства се соочија со егзистенцијални дилеми и прашања за безбедноста и стабилноста на државата и за тоа каква иднина ќе имаме.

– Сето тоа е зад нас. И никогаш повеќе нема да се отвори како тема. Членството во НАТО е гаранција за тоа. Денес, знаеме дека нашите деца ќе растат во држава која е постабилна и побезбедна, втемелена на демократски принципи и вредности. Тоа е темел за економски развој и за општествен просперитет. Тоа е темелот за нашата подобра иднина. Тоа е НАТО, зкалучува Османи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *