Османи во посета на Швајцарија и Шпанија

Министерот за надворешни работи  Бујар Османи, денеска ќе престојува во работна посета на Швајцарија и на Шпанија. 

Како што соопшти МНР, во рамки на престојот во Берн, министерот Османи ќе се сретне со бројни здруженија на граѓани и членови на нашата дијаспора од кои ќе побара поддршка за процесот на Попис 2021. За време на престојот во Швајцарија, Османи ќе има средба и со неговиот колега, сојузниот министер за надворешни работи на Швајцарија, Игнацио Касис, со кого, како што се наведува, ќе разговараат за севкупниот развој на односите меѓу двете земји, со посебен фокус на билатералната развојна помош на Швајцарија кон Република Северна Македонија.

По Берн, Османи патува за Мадрид на средба со неговиот домаќин, министерката за надворешни работиЕвропска Унија и соработка на Шпанија, Аранча Гонзалес Лаја.

Шефот на дипломатијата во Мадрид ќе се сретне и со Аурора Мехија, директор за Европската Унија и главен советник во кабинетот на претседателот на Владата, Педро Санчез, а ќе има средба и со претседателот на Комисијата за надворешни работи во Сенатот, Антонио Гутиерез Лимонеси. Главен акцент во разговорите ќе бидат билатералните односи, економската соработка и европските перспективи на државата.

Во рамки на престојот во Мадрид, Османи ќе се сретне и со директорот на Светската туристичка организација Зураб Пололикашвили. Тој ќе има одделни средби и со претставници на дијаспората на Република Северна Македонија во Шпанија.

Работните посети на Османи на Швајцарија и Шпанија се дел од дипломатските активности за презентација на европското досие на земјата, но и во насока на мобилизација на нашата дијаспора за вклучување во процесот на самопопишување во рамките на Попис 2021, стои во соопштението.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *