„Агендата Европа дома“ влог во европската агенда на земјата

Сеопфатен план со јасни задачи и рокови за сите институции во системот во насока на обезбедување фокус и отчетност на реформските чекори за 2021 година, а со цел европеизација на општеството, треба да донесе „Агендата Европа дома“.

На презентацијата на документот на прес-конференција во Владата, премиерот Зоран Заев вчера истакна дека во  „Агенда Европа дома“ се преточени принципите и заложбите поставени како приоритет во владината Акција 21. Преку тоа граѓаните ќе добијат подобри услуги и подобар живот и уште еднаш да докажеме дека Северна Македонија го заслужува местото  во ЕУ и дека природно припаѓа во европското семејство на народи.

Акцентот на новиот владин документ е ставен на изборната реформа, правосудството, борбата против корупцијата и организирнаиот криминал, темелните човекови права, реформите во медиумската сфера, економското владеење и на реформата во јавната администрација, а содржи и мерки кои се дел од поглавјeто животната средина и климатските промени. Г о подготви вицепремиерот за европски прашања Никола Димитров со тимот на  Секретаријатот за европски прашања, а консултирани се невладини организации кои работат во областа на евроинтеграциите како и Делегацијата на ЕУ. Изготвен е врз основа на препораките на Европската комисија, Советот на Европа, Венецијанската комисија, ГРЕКО, а ја зема предвид новата методологија на преговори и се фокусира на кластерот Темели, којшто ја диктира и динамиката  на самите преговори.

– „Агендата Европа дома“ е нашиот искрен влог во европската агенда како наша суштинска определба. Европеизацијата на македноското општество не смее да чека, а нашиот план за завршните процеси на оваа агенда, очекуваме да донесе исто толку позитивен извештај и за оваа 2021 година. Нашата „Агенда Европа дома“ само се надоврзува на досието на Северна Македонија во Брисел и безусловната порака за старт на преговорите од извештајот за 2020 година, порача Заев.

Според него, Владата успеа да ја постави земјата на патот на безбедноста и сигурноста и постигна значителен напредок во клучните политички и економски области. Станавме 30-та членка на НАТО и добивме едногласна безусловна препорака од Советот на ЕУ за почеток на пристапните преговори, з а жал, посочи, поради недавање на согласнот од една земја-членка за одобрување на рамката за преговори, првата меѓувладина конфернеција за официјално започнување на преговорите се уште се нема случено.  

– Долго сме во процесот и секако нема да запреме. Се соочуваме со предизвици, но нема да бидеме обесхрабрени. Продолжуваат политичките и дипломатски напори и обиди за отстранување на ветото од Бугарија. Кога сме посветени и сплотени резултатите ќе дојдат, рече Заев.  

Според вицепремиерот Димитров, „Агендата Европа дома“ ги отсликува реформските заложби на Владата и треба да овозможи мапирање на клучните чекори и нивно будно следење заедно со притисок за исполнување на дадените обврски.

-Не чека многу работа, но и јас, и СЕП и Владата, сме подготвени да ги впрегнеме институциите и да ги разбиеме митовите дека стартегии и планови се прават само тогаш кога се сака да се избега  од вистинска работа. Целта ни е да обезбедиме фокус, следливост и отчетност во реформските чекори за да има видливи конкретни резултати, рече Димитров.

Посочи дека СЕП, како главен мотор на процесот на европеизација ќе пристапи кон ревизија на механизмот за управување и координација на пристапните преговори, заради негово усогласување со новата методологија за преговори на ЕУ.

-Ова значи дека ќе ги ревидираме структурите за преговори, грижејќи се за соодветна координација и инклузивност на процесот, за сите општествени чинители и фактори да си го најдат своето место, за да бидеме спремни во моментот кога стартот ќе биде најавен. И за СЕП има домашни задачи во Европа дома, заклучи вицепремиерот за европски прашања Димитров.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, пак, со оценка дека Агендата „Европа дома“ е нов неуспешен „План 3-6-9“,„План 18“, „Акција 21“.

-Факт е дека ништо суштински не е преземено, а Заев потроши нови четири години тапкање во место, стои во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Спроведувањето на „Агенда Европа дома“ СЕП ќе го следи на неделна основа, а вицепремиерот Димитров ќе ја  информира Владата со пресек на секоја седница. Дополнително,  врз основа на податоците за спроведувањето ќе се подготвуваат и до Владата ќе се доставуваат извештаи за спроведување на агендата, во мај, септември и  декември годинава со што ќе се следи  динамиката на подготовката на Извештајот на ЕК.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *