Манчевски на Светскиот мобилен конгрес во Барселона

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски учествува на Светскиот мобилен конгрес во Барселона, Шпанија, каде ќе има можност со   своите колеги од Европа и светот да размени искуства во делот на дигитализацијата.

Како што соопшти МИОА, на маргините на конгресот што почна вчера, а завршува на 1 март, Манчевски ќе има средби и со повеќе претставници на компании околу можноста за трет мобилен оператор во Македонија.

Владата и Министерството за информатичко општество и администрација во моментов работат на подобрување и создавање на условите за компаниите да имаат интерес да инвестираат во Македонија.

Со законски измени во Законот за енергетика, се овозможува користење на државната мрежна инфраструктура за приватни компании. Во моментов прв пат државата ги мапира постоечките ресурси, што ќе овозможи да се има јасна слика за моменталната состојба.

Целта, како што велат од МИОА, е граѓаните да добијат поквалитетни и поевтини услуги.

Министерството, како што е наведено во соопштението, подготвува Национален оперативен план за широкопојасен интернет. Ова е еден од предусловите за зголемување на бројот на е-услуги што се предвидува да се реализира во текот на оваа година. По мапирањето на белите зони, ќе се инвестира во сите региони од државата каде има потреба од тоа.

Конгресот во Барселона, министерот Мачевски ќе го искористи и за најава на Дигиталниот самит за земјите од Западен Балкан, којшто како дел од Берлинскиот процес ќе се одржи на 18 и 19 април во Скопје.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *