Битиќи: Просечната плата ќе продолжи да расте, ако се влоши епидемиолошката состојба ќе делуваме со нови мерки

 Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи очекува во јуни годинава кога се заокружуваат 4 години од владењето на оваа Влада, просечната плата да стаса до 30.000 денари. Показателите за јануари и февруари, како што вели,  се оптимистички. Доколку епидемиолошката ситуација се влоши и има потреба од дополнителни мерки, најавува дека Владата е подготвена да делува со нови мерки.  

Во гостување на „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ, Битиќи рече дека просечната плата продолжи да расте како резултат и на значително покачената минимална плата, но и притисок од пазарот на трудот.

-Просечната плата континуирано расте и ќе продолжи да расте. Во декември 2020 година, просечната плата изнесува 28.294 денари, што е пораст од 5 проценти во однос на декември 2019 година, или пораст од над 15 проценти во споредба со 2017 година. Просечната плата расте и поради растот на минималната плата, која од 8.000 односно 9.000 денари, порасна на 14.500, и просчената плата ќе продолжи да расте, затоа што економијата тоа го бара, затоа што пазарот на трудот тоа го наметнува. Мерките за поддршка на компаниите се конципирани на тој начин да се поддржуваат компании кои исплаќаат солидни плати кон вработените, не даваме ниту денар на оние компании кои исплаќаат минимални плати за вработените. Очекуваме во јуни 2021, кога се всушност 4 години од владењето на оваа Влада, да стигнеме до просечна плата од 30.000 денари. Во 2017 година беа потребни 4 минимални плати за да се задоволи потрошувачката кошница, сега се потребни 2,2 минимални плати, а тежнееме кон тоа да 1,5 минимална плата биде доволна за потрошувачката кошница, нагласи Битиќи.

Северна Македонија, посочи,  има стабилен кредитен рејтинг и тоа значи пристап до поефтини кредити за раздолжување со претходни задолжувања кои се со повисоки каматни стапки.

 –Во моментов немаме одлука за задолжување, тоа е процес кој трае и кој го  води Министерството за финансии, но ако се задолжувам, би се задолжувале, со значително подобри услови. Би можеле да добиеме поволни заеми со каматни стапки помали за 50 проценти од тие што ги имаме. Значи, би се задолжиле да ги вратиме старите задолжувања, со помали каматни стапки, кои сега се 8 проценти, 6 проценти, 5 проценти, а ние може да најдеме кредити со каматни стапки и од 2,5 проценти. Со претходно земените кредити, граѓаните само за камати годишно плаќаат 150 милиони евра, тоа е недомаќинско работење. Кога би имале можност да се рефинансираат заемите со други заеми со пониски каматни стапки, секој би го сторил тоа, тоа е во интерес на граѓаните, рече Битиќи. 

Тој најави дека со оперативниот план за вработување, сите кои ги изгубиле работните места поради Ковид, ќе ги вратат назад на пазарот на трудот.

Во петтиот пакет, како што рече, веројатно ќе биде последната мерка за субвенционирање на плати, но и таа е конципирана поинаку и има стимулативна компонента. Тие компании коишто ќе работат позитивно и ќе инвестираат, нема да вратат дел од средствата.

-Освен таа мерка, за поддршка на исплата на плати, сите други имаат развојна компонента. Како за пример, Оперативниот план за активни мерки за вработување, е во насока на заздравување од Ковид. Сите оние лица кои останале без работа, да ги вклучиме во системот како активни баратели на работа. Одреден број на лица имаат соодветни квалификации, но исто така и голем број на лица кои биле во неформална економија, на кои им требаат преквалификации и доквалификации, и планираме сериозни средства, со една нова компонента, ориентирана кон рамномерен регионален развој. Сите мерки мора да направат скок, социјалата не е единствена, но е важна и затоа пензиите редовно се исплаќаат, како и социјалната помош, но се останато мора да се насочи на развојот, подвлече вицепремиерот.

Како што наведе, сите пет пакети на економски мерки се донесени во консултации со засегнатите страни, речиси на секои 3 месеци се носи нов пакет на мерки за поддршка на граѓаните и на стопанството, а доколку епидемиолошката ситуација се влоши и има потреба од дополнителни мерки, Владата е подготвена да делува со нови мерки.

 –Мерките се одлично концепирани и за тоа доаѓаат потврди од повеќе страни. Веќе има први реакции на меѓународните иснтитуции. Добивме потврда на кредитниот рејтинг од Стандард и Пурс, што значи дека и во период на криза сме сработиле добро, да не се направи огромна дисторзија на економијата. Трендот на индустриското производство, на преработувачката индустрија, на финалната потрошувачка на граѓаните, сите овие индикатори  укажуваат, дека падот во 2020 година, би бил околу 4,4проценти , што во рамките на нашите проекции. Показателите за јануари и февруари се оптимистички, во јануари трендот е во рамки на претходната година, а во февруари веќе имаме тренд на пораст, првпат после 12 месеци, еве на приходна страна имаме двоцифрен раст, тоа е добар показател, дека расте наплата на ДДВ, царина, акциза, за данок на личен доход, тоа значи дека економијата не оди надолу,  информираше Битиќи.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *