Иницијативата на граѓански здруженија, екологисти, планинари „Зелен Фронт против малите хидроцентрали“ испрати реакција до јавноста поради неколкудневните проблеми со водоснабдувањето во Тетово кои според нив се појавени поради изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските реки.
-За жал, се случува она на што „Зелен Фронт против малите хидроцентрали“ уште лани предупредуваше, а тоа е дека уништувањето на природата за профит кога-тогаш ќе им се одмазди на луѓето. Изградбата на неколку мали хидроцентрали на шарските бистри реки не само што трајно ги уништува самите реки и живиот свет во нив, не само што го загрозува водоснабдувањето на луѓето од шарските села, туку, еве и на Тетово му испраќа предупредување кое вели: Стоп за изградба на мали хидроцентрали на шарските реки, стоп за хидроцентралата на Лешница, велат од иницијативата.
Според претставниците на иницијатовата „Зелен фронт“ за само неколку месеци природата неколкупати ги опоменува тетовчани и надлежните дека штетата е поголема од придобивките со градењето на енергетските објекти.
-Посегањето по реката Пена и нејзините притоки, нивното заробување во цевки, бетонирањето и преградувањето на нивните корита за изградба на мали хидроцентрали носи корист за малкумина, а штети за сите останати, вклучувајќи ја и самата природа. Во септември 2020 поради заматување на водата кај каптажата Лешница, предизвикано од копање во самото корито за изградба на хидроцентрала, Тетово имаше отежнато снабдување, во јануари годинава повторно се заматија лешничките води на Пена и повторно тој крак од тетовскиот водовод беше исклучен од системот, за по само еден месец природата да ја испрати и третата опомена, велат во соопштението.
Тие предупредуваат дека тетовци треба да го свртат погледите кон планината и да се запрашаат кој дозволува штетни проекти кои засекогаш ја уништуваат природата.
-Државниот Инспекторат за животна средина лани утврди дека изворот за водоснабдување на Тетово во месноста Лешница е незаштитен бидејќи нема определено заштитни зони, како што налагаат законите, а државата дозволува градилиште среде Пена. Малата хидроцентрала која се гради среде реката, на Лешница, не е само рана врз планината, која никогаш нема да се залекува, туку е вистинска опасност и за луѓето на тетовскиот крај и на шарпланинските села и на скапоцената лешничка шума и живиот свет на Шар Планина, велат од Зелен фронт.
Оваа иницијатива во септември 2020 година во Тетово одржа еден собир на кој ги истакна ставовите, на 27 септември во месноста Лешница на Шар Планина организираше протестен собир против изградба на мали хидроцентрали.