Награда од филмските критичари за „Кога денот немаше име” на фестивал во Белград

Филмот „Кога денот немаше име” на режисерката Теона Стругар-Митевска ја доби наградата на филмските критичари ФИПРЕСЦИ 23. Фестивал на авторски филм во Белград, соопшти продукцијата Митевски.

Според тричленото жири, македонско-словенечко-белгиската копродукција се одликува со сигурна режија, одлична работа на камерманот и компактна драматургија, кој „наспроти цикличната структура на приказната, во која се знае крајот на самиот почеток, го вовлекува гледачот до самиот крај“.

– Пред нас видовме дистописка, прецизна дијагноза на етнички и социјално раслоено општество, кое кореспондира со нестабилната реалност на Балканот, образложи жирито за филмот за кој пишува и српскиот печат.

Минатата недела, на 11. Мостарски филмски фестивал, кој е специјализиран за глума, наградата за дебитантско остварување му беше доделена на актерскиот анасамбл од филмот „Кога денот немаше име“.

Продукцијата Митевски известува и дека во ноември филмот бил прикажан на шест фестивали низ светот, меѓу кои последниот бил во Каиро.

На 6 декември ќе почне кинодистибуција во Белгија и Србија, а во Словенија киноприкажувањето на редовниот репертоар ќе почне од јануари.  За следната година е најавена и кинодистрибуција во Југоисточна Азија и Кина.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *