ЛИДЕМ: Новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ се уште е заробено во минатото

Жално е што и новото раководство на ВМРО-ДПМНЕ се уште е заробено во минатото и под силно влијание на ретроградните сили, кои што повеќе од една деценија ја држеа Македонија под заложништво.

Вчерашната прес-конференција на новиот претседател на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, во врска со отстранувањето на споменикот на Андон-Ќосето, не донесе ништо ново освен најава за продолжување на старите деструктивни политики, на кои граѓаните остро се спротивставија.

Отстранувањето на споменикот на Ќосето, Мицкоски го карактеризираше како чин кој го практикуваат ретроградни сили, како ИСИС во Сирија и талибанците во Авганистан. Па дури и најави дека тој ќе го врати споменикот на Ќосето.

Со оваа реторика, која не му доликува ниту на обичен граѓанин кажана во кафеана, а камоли на млад човек чија основна задача е да ја реформира партијата која што ја опустоши државата, Мицкоски само покажа дека во ВМРО-ДПМНЕ нема ништо ново и подолго време нема да понуди нови платформи за напредок, развој, просперитет и успех.

Мицкоски наместо да жали за Ќосето и да држи празни пресови полни со омраза и гнев, потребно е да започне да се занимава со сериозни прашања и да покаже подготвеност за поддршка на конкретните државни реформи, за напредните идеи.

Ако демократијата и слободата се всадат длабоко во свеста на  нашите граѓани тешко дека уште еднаш ќе може толку лесно да  ни се повтори тоа што се случуваше сиве овие изминати години од владеењето на Груевски и неговите приврзаници. Нема да ни се повторат дивоградби како Ќосето, ама не ќе може да ни се повтори ниту претепувањето на студенти кои мирно протестираа за остварување на нивните права.

-Затоа професоре Мицковски ве потсетуваме дека не ни треба враќање на Ќосето, ниту на некој нов Ќосе со исукана кама, туку подршка за реализација на решенијата и реформите  за младите да останат во државата да имаат визија, напредок и слобода.

Конечно дојде Влада која промовира мерка за младинска гаранција и која  покажа иницијатива за реализација на долгогодишните идеи на ЛиДеМ за подигнување на студентскиот стандард,  подобрување на условите во кои живеат студентите и се надеваме реализација на нашата долгогодишна идеа за изградба на студентски град.

Само така може да се мотивираат младите луѓе да останат да живеат и да работат во Македонија.

Ете ова се вредностите кои треба да ги споделуваме господине Мицковски, а не загриженост за отстранување на споменик на контроверзен лик од минатото, кој со години беше симбол на заробената држава, на злоупотребата на моќта, на корумпираното судство, на безперспективноста.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *