Заев: За земјите од Западен Балкан нема друга алтернатива освен ЕУ и НАТО

За земјите од Западен Балкан нема друга алтернатива освен влез во Европската Унија и НАТО. Со вербата за членство во НАТО и ЕУ ние го сменивме нашиот Устав, а со тоа и нашето уставно име. Навистина не беше лесно, беше едно горчливо чувство, можете да замислите колку е тешко да додадете нешто на вашето име, но тоа го направивме заради младите луѓе, заради децата и изградивме големо пријателество со нашиот сосед Грција, нагласи премиерот Зоран Заев на денешната онлајн дебата на Атланскиот совет на тема „Северна Македонија на прагот од Европа“.

Тој посочи дека по одлуката на Советот на ЕУ во март минатата година за започнување на преговорите за членство со земјава, требаше да следи првата меѓувладина конференција, но тоа не се случи поради одлуката на нашиот сосед Бугарија.

– Бугарија зазеде не баш пријателска позиција, но јас многу верувам дека тоа е бидејќи изборите се многу блиску во Бугарија, а ние политичарите не сме многу прагматични кога станува збор за избори. Јас верувам дека ако продолжите да ни помагате ќе најдеме решение веднаш по изборите во Бугарија, бидејќи ова е смешен проблем. Не треба да размислуваме како некого да блокираме или стопираме, туку да гледаме кон иднинатата и да ја обезбедиме истата, рече Заев.

Премиерот наведе дека меѓу Скопје и Софија ќе бидат изградени уште повеќе мостови на соработка во разни сектори.

– За нас е во интерес да продолжи дијалогот, а не да дојде до замрзнување на преговорите, но сепак постојат некои црвени линии кои ние не можеме да ги поминеме. Бугарија разбира дека ние имаме право на нашиот суверенитет и право на самоидентификација, да се чуввствуваме како Македонци, да го зборуваме нашиот македонски јазик. Ние овде во Северна Македонија ги почитуваме сите европски идентитети, но немаме претензии кон Бугарија или кон било која друга држава во светот. Сметам дека нивниот сегашен став е анахрон и е спротивен на меѓународното право. Ние како држава ќе продолжиме да ги правиме сите напори да постигнеме надминување на проблемите, притоа почитувајќи се себе си и останатите. Нашата држава е Европа во мало, нагласи премиерот Заев.

Во однос на внатрешните државни приоритети, премиерот потенцираше дека први на листата на Северна Македонија се унапредувањето на здравствениот и образовниот систем, борбата со корупцијата, како и постигнувањето на сите демократски стандарди согласно вредностите на ЕУ за да го оправда епитетот светилник на демократијата на Западен Балкан.

На прашањата околу економијата премиерот Заев се осврна на фактот дека 10 нови компании најмногу, од земји кои се наши сојузници во НАТО, инвестираат во нашата земја и во време на планетарна криза предизвикана од КОВИД-19.

– Инсистираме на трансформација на нашата економија во зелена економија, односно ги заменуваме енергенсите кои го трујат нашето општество како што е јагленот и ги конвертираме постоечки енергетски капацитети да работат на сончева енергија. Преку овој процес кој го нарекуваме „праведна транзиција“ овозможуваме и подобри плати и здравје за вработените во овој тип на индустрија. Со овој процес обезбедуваме дополнителна стабилност на Северна Македонија и здравје за нашите граѓани, рече Заев.

На панелот што го организираше Атлантски совет, како дел од истоимената студија што за нашата земја го подготвија експерти на оваа американска тинк-тенк опрганизација, учествуваа повеќе познавачи на состојбите во Северна Македонија и на Западен Балкан, меѓу кои и поранешниот генерален секретар на НАТО, лорд Џорџ Робертсон, амбасадорите Роберт Гелбарт и Мајкл Карпентер, како и Џејмс Обрајан од транзицискиот тим на претседателот Џо Бајден и Дамјан Марфи од Комитетот за надворешна политика на Сенатот на САД, при што премиерот Заев одговараше на прашања од неколку клучни теми кои беа поставени како прашања од страна на учесниците на дебатата.

Лорд Робертсон во обраќањето на стартот на дебатата посочи дека Северна Македонија благодарение на своите аспирции кон НАТО и ЕУ, се стави на мапата на тие институции и благодарение на храброста на Заев и на поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас беше ставен крај на деценискиот спор за името.

– Од ПЈРМ, изникна новата Северна Македонија. Решавањето на овој децениски спор можеше да ги чини многу овие двајца политичари. Еве на пример, Алексис Ципрас ја загуби власта во Грција, но Зоран Заев успеа да остане премиер на Северна Македонија, нагласи Робертсон.