САД и ЕУ споделуваат исти вредности и овозможуваат стекнување на знаења и искуства на младите од С Македонија

САД и ЕУ споделуваат исти вредности и овозможуваат стекнување на знаења и искуства на младите од Северна Македонија во насока на поддршка на политичкиот и економски развој, поддршка на реформите кои се пред се од значење на граѓаните на земјата, порачаа американската амбасадорка Кејт Мари Брнз и евроамбасадорот Дејвид Гир на денешната панел дискусија „Алумни од САД размена и ЕУ Еразмус плус програми: размена на искуства и знаења“, во организација на Македонско американската алумни асоцијација МААА и Унијата на европски федералисти на Македонија УЕФМ.

Амбасадорката Брнз, во своето обраќање изрази надеж дека ќе ги искористат можностите да го донесете стекнатото знаење од САД овде.

– Друго нешто што е навистина важно да се потенцира е дека вие како алумни не го носите само талентот со кој сте станале алумни, знаењето и искуството од учеството во програмата, но и перспективите кои ќе ги согледате од други демократии кои се соочуваат со слични предизвици како вашата држава, изјави Брнз, се вели во соопштението од организаторите.

Евроамбасадорот Гир истакнал, дека Ерасмус+ програмата е најуспешната платформа која ја има ЕУ за сите студенти преку можностите кои ги нуди како на образовно, така и на професионално ниво.

– Овде во Македонија Ерасмус+ програмата е на исто ниво и покриеност како и во земјите членки на ЕУ. Само во 2019 година, 2200 студенти од државата земаа учество во проекти преку Ерасмус+ програмата за високо образование, тренинг, студентска размена и сл. И морам да напоменам дека Ерасмус+ програмата е само дел од се она што ЕУ го прави во вашата земја со цел да помогне во креирање подобри можности за младите, рече амбасадорот Гир.

Гир рече дека главните причини зошто младите во земјава често пати ја гледаат својата иднина надвор од границите, треба да се бара во имплементација на реформите кои треба да донесат видлива промена во животите на луѓето.

Посочи дека Панелот се одржува во време кога има јавна дебата за образовните реформи. Владата, истакна Гир, има водечка улога во ова но ние ги поздравуваме нејзините напори за вклучување на целото општество во овие реформи, вклучително реформите во основното образование.

Претседателот на УЕФМ Петар Богојески и потпретседателката на МААА Зорица Трајкова, изразија подготвеност за соработка помеѓу двете организации и спроведување на новиот проект за споделување на стекнатите знаења и искуства од студиските престои во САД и ЕУ со младите, пред се студенти, средношколци, но и членови на професионални здруженија.

– Идејата е резултат на предходно лично искуство, каде стекнатите искуства и знаења остануваат несподелени надвор од кругот на нашите пријатели и семејства. Многу е важно да бидеме отворени кон сите во земјава, особено младите луѓе, пред се студенти,  средношколци, активисти во професионални здруженија или членови на стопански комори, потенцираше Богојески.

Алумни од САД и ЕУ, Иван Дургутов, Јулијана Бојаџиева, Ејона Казиу и Бојан Лазаревски, се вели во соопштенито од УЕФМ, споделиле сеќавања од студиските престои и изразиле подготвеност да бидат дел од проектот за соработка меѓи двете орагнизации.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *