Воениот и цивилниот персонал на служба на нашата Армија не смее да раководи, да ја застапува и претставува било која политичка партија и да биде член на органи на партија утврдени со нејзиниот статут.
Ова се предвидува во измените и дополнувањата на Законот за служба кој наскоро треба да се најде пред пратениците, а доби зелено светло од Владата.
Целта на овој закон, според министерката за одбрана Радмила Шекеринска е да не се доведе во прашање професионалноста, непристрасноста и законитоста во вршење на работите во Армијата и во Министерството од страна на воениот и цивилниот персонал. Дополнувањето е по пример на решението во Законот за внатрешни работи.
Измените во законот предвидуваат и вонредно унапредување на воените старешини распоредени во министерството за одбрана и генералштабот на Армијата кои претходно немале таква можност бидејќи Законот не предвидувал постапка за вонредно унапредување за старешините во Министерството и ГШ.
Армијата веќе има законска можност за стипендирање на студенти со критички специјалности за потребите на Армијата, а новите измени предвидуваат стипендирање од 30 до 80 проценти од просечната плата и еднократна награда за повисоки стипендии од 50 отсто за оние кои ќе имаат просек над 8 и 100 проценти за просек над 9.
Офицери кои не ги исполнуваат целосно условите за пензија 55 години старост и 40 години стаж со измените во законот ќе можат да одат во пензија.
-Ако има некој на пример над 55 годни, а има 38 годни стаж или 45 годни стаж, а нема 55 годни старост и има интересе од нивна страна да заминат во пензија и од наша заради нивата формација, но ПИОМ не дозволуваше бидејќи едниот од условите не го исполнуваа. Сега ќе можат и тие да одат во пензија со 80 проценти од 10-те најдобри години со плата. Доколку им фали некоја година стаж, основицата за пензиско им се намалува за 0,5 отсто, појасни министерката Шекеринска.
Со првите измени од Законот за служба во 2020 година, меѓу другите придобивки, секој припадник на Армијата месечно добива надоместок од околу 8.000 денари за станарина, а по зголемувањето на платите на воените лица, зголемување од 16 проценти добија и цивилните лица во Армијата. Со закон се укина и условот за прием во служба како професионален војник, одредбата доброволно служење на воен рок. Минатата година беа воведени и условите за пензионирање каде се зголеми и износот на пензијата односно се пресметува 80 проценти од најдобрите десет години со плата.