ПУБЛИЦИСТИКАТА НА СЛАВЕ КАТИН- ДЕЛ ОД ВИСТИНАТА НА МАКЕДОНСКИТЕ ИСЕЛЕНИЦИ

Публикацијата „Иселеничките хоризонти“ е едно од делата на Славе Катин кое е посветено на македонското иселеништво. Ова дело прави уште еден крупен чекор во освојувањето на македонските олимписки височини на дијаспората. Овој пат низ пристап кој судбината на македонскиот народ ја осветлува низ призмата на нејзините најдраматични фази низ кои минува Македонија во последните 150 години.
Со сите нејзини отпори и страдања, низ битките за докажување на нејзиниот национален и духовен идентитет и интегритет

Делото насловено „Иселеничките хоризонти“, „Македонска искра“, Скопје, 1999, 1-226, (на македонски).  се чита во еден здив, зашто раскажувачката парадигма на Славе Катин пленува со стилот и начинот на трансформацијата на настаните што се нижат како на лента од возбудлив филм кој не води од континент на континент.

Светот што ни го открива не е имагинарен, туку реален и непосредно доживеан, во кој авторот е соучесник и сведок, а не само посматрач. Неговите оценки и констатации извираат од живиот контакт и фактографијата со која го соочуваат неговите соговорници и затоа треба да се прифатат како релевантни факти и една продлабочена анализа за македонското иселеништво.

Всушност, повеќегодишната истражувачко-научна работа на Катин покажува дека неговото внимание е фокусирано на сите аспекти релевантни за целосно согледување на причините и последиците кои доведоа до македонската голгота. Но, не на еден стереотипен и вообичаено прагматичен начин, типичен за луѓето од историската наука, туку низ пристап на непосредна комуникација и опсервација на настаните, лично доживеани низ средбите со нивните актери од бројниот македонски иселенички ешалон на сите континенти. Со нив тој остварува лични контакти и разговори, низ кои, не само изворно, туку и најемотивно ја отсликува нивната судбина, но и суштината на овој историски феномен.

Од овие причини, делата на Катин имаат посебна привлечност и атрактивност, што е резултат на неговата раскажувачка способност. Тие придонесуваат државите, градовите и регионите во светот населени со Македонци, да ги чувствуваме како да ни се на дофат, блиски, познати, како и ние самите да сме дел од нив. Се разбира, таквиот впечаток, како што веќе истакнав, го создава пристапот на Катин кон појавата на иселеништвото, експлицирана во неговата вистинска димензија што ја чини магнетизмот на националниот арсенал и духовниот потенцијал на Македонската православна црква, како неодминлив стожер на Македонците во дијаспората.

„Иселенички хоризонти“ е книга во која Славе Кати како вистински глобротер, со чувство за откривање на возбудливите страни на животот го прави интересно дело за нашата културна и научна јавност. Светот што ни го открива не е имагинарен, туку реален и непосредно доживеан, во кој, тој е соучесник и сведок, а не само посматрач. Неговите оценки и констатации извираат од живиот контакт и фактографијата со која го соочуваат неговите соговорници и затоа треба да се прифатат како релевантни факти на една продлабочена анализа за нашето иселеништво.

На промоцијата на 5 мај 1999 година, во Домот на АРМ. А во присуство на претставници на Владата на Македонија, на МПЦ, верските заедници, научни, културни и други јавни работници, научниот работник професор Вера Стојчевска – Антиќ, ќе истакне:

„Во книгата ни се открива најболната македонска трагедија, крената и возвишена до ниво на една колективна национална судбина и историска категорија. Станува збор за книга која се вклопува во континуитетот на преселничката белетристика, дополнувајќи ги уште пошироко сознанијата за македонската дијаспора“. Како што веќе истакнав, ова дело на Катин е промовирано и во Германија.

Импресивната публицистичка продукција на Катин во 2001 година, е збогатена со книгата „Моите патувања низ светот“ („Македонска искра“ – Скопје, 2001, 1-192, на македонски јазик), во која се опфатени возбудливите импресии од неговиот престој во 20 држави на сите континенти, во кои живеат и македонски иселеници. Станува збор за Италија, Франција, Германија, Данска, Шведска, Унгарија, Романија, Украина, Чешка, Русија, Канада, САД, Бразил, Австралија, Индија, Турција, Египет и Израел.

Поентата за оваа книга Катин ја наоѓа во библиските стихови на Матеја дека „Блажени се кротките, зашто тие ќе ја населат земјата! Блажени се милостивите, зашто тие ќе бидат помилувани! Блажени се миротворците, зашто тие ќе се наречат синови Божји!“

За делото „Моите патувања низ светот“, професорот по журналистика д-р Томе Груевски рече: „Добриот репортер умее да ги поврзе работите од различни подрачја и од различни епохи во една целина која ги возбудува мечтите и поттикнува на размислување. Во новинарското обликување на репортажите на Катин доаѓа до израз неговата автентичност, доументарност и конкретното прикажување на она што е најбитно.

Тоа е сигурната информираност за она за што се пишува со мерка и рамнотежа во оценката и квалификациите на ситуацијата, пренесувањето на атмосферата и амбиентот, смислата за реалност во извлекувањето на заклучокот и одредување на пораката на секоја одделна репортажа, со јазик богат и разновиден, литерарно изнијансиран, во суптилен и слоевит стил“.

Во својата обиколка околу светот, на ограничен број страници, Катин пренел многу записи од животот и опстојувањето на човековата цивилизација, истакнува во поговорот на ова дело д-р Васил Тоциновски. Квантитетот на страниците во книгата, од една, и неограничените пространства на светот, од друга страна, се наметнале како егзистенцијална неминовност во еднаквоста на почетокот и крајот на судбината по чии легенди и преданија трага Катин и од нив се извлекува сегашноста како нераскинлива алка со минатото и иднината.

Затоа, секое патување претставува нешто ново, недоживеано, невидено, како во споредба со градот на контрастите Киев, со московските вечери, недогледните канадски хоризонти, за миг застанати во Монтреал, така и за зимската романса во Рио де Жанеиро, за плачот на Калкута, за светата слава на Истанбул, за земјата на фараоните и нејзината престолнина Каиро, за Светата земја Израел.

Патувањата на Катин низ светот се производ на иселеничката магија на Македонците, распрснати на сите континенти. Понесен од магнетизмот на нивната судбина, тој патува со надеж и верба дека ќе ги пронајде и лично ќе ја доживее нивната апокалипса. Затоа Катин трага по нив, не жалејќи време и напори да го оформи македонското иселеничко соѕвездие, без кое не може да се замисли планетарниот универзум. Тој ги забележува познатите историски реалности кои се прекршуваат низ внатрешните немири и возбуди на душата, мислата и срцето со неповторливото негово субјективно гледиште. Затоа тие и не можат да се најдат така оригинални на друго место како во делата на Катин.

Со оглед на фактот дека Славе Николовски – Катин, како никој друг досега, ги открива македонските иселенички хоризонти во нивната оптимална димензија, објективно може да се очекува, не само обединување на Македонците во светот, туку и една поконсектвентна политика на Владата на Македонија, која не случајно, за оваа цел промовира и посебен ресор.

Потпирајќи се на неговите дела, природно е да се очекува државата да ја доизгради долгорочната стратегија кон иселеништвото, за чија реализација се незаобиколни сознанијата и оценките на Катин за состојбите во дијаспората, за кои, инаку ретко каде можат да се најдат толку автентични оценки како неговите.

Публикацијата „Моите патувања низ светот“ своја промоција имаа во Скопје, во Народната библиотека „Свети Климент Охридски“, на која за ова дело говореа д-р Томе Груевски и Фиданка Танаскова.

Исто така, делото „Моите патувања низ светот“ беше промовирано и во Торонто, во МПЦ „Свети Климент Охридски“, а во организација на Литературното друштво „Браќа Миладиновци“. Пред поголем број присутни за делото го претстави познатиот македонски академски сликар Ѓорѓи Даневски, кој живее и работи во Торонто.

Зборувајќи пред голем број членови на Друштвото, претставници на црквата и други присутни од македонската колонија во Торонто, сликарот Даневски истакнал дека ова дело претставува репортерско видување и еден вид потрага по Македонците во светот. Во него Катин успеал да ги поврзи суштините на оделни градови, места и региони во светот, од различни епохи, во една целина, која ги возбудува духовите и поттикнува на размислување.

Продолжува

Пишува: ДУШАН РИСТЕВСКИ

SHARE