ПЕС: Меѓу Софија и Скопје да преовладаат политичкото лидерство и конструктивниот дијалог

Партијата на европските социјалисти (ПЕС) изразува разочаруавње поради бугарската блокада на стартот на преговорите за членство Северна Македонија во ЕУ, порачувајќи дека политичката мудрост на двете земји е ставена на тест.

– Само јазикот на соработка и целосно разбирање на долгорочните перспективи на регионот можат успешно да ја надминат оваа пречка, се наведува во изјавата на Претседателството на ПЕС за состојбата во процесот на пристапните преговори.

Во реакцијата се истакнува дека европските социјалисти и демократи секогаш биле поддржувачи на процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западниот Балкан и се поздравуваат одлуката на Европскиот совет за старт на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија донесена во март оваа година и претставувањето на нацрт-рамката за преговори во јули.

– ПЕС изразува надеж дека преку рамноправен и суштински дијалог помеѓу Бугарија, која е земја членка на ЕУ веќе 13 години, и Северна Македонија, која силно ја изразува својата желба да се зачлени во Унијата, ќе најде решение во корист на двете земји. Премиерот на Северна Македонија, Зоран Зеав продолжува да демонстрира храброст и лидерство додека бара начин да се излезе од ќор-сокакот, давајќи го првиот сигнал дека е можен ваков суштински дијалог. Брзиот почеток на пристапните преговори позитивно ќе влијае на долгорочните односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, како и на целиот регион на Западниот Балкан. Време е сите да се однесуваат одговорно и мудро, водени од визијата за заедничка европска иднина, се наведува во изјавата на ПЕС.

Партијата на европските социјалисти воедно изразува загриженост поради зголемениот „бран на национализам и десничарска реторика“ и во Бугарија и во Северна Македонија, што придонесува за назадување во преговорите за членство.

– За луѓето во двете земји ќе остане запаметен говорот на омраза во регионот за време на претходната конзервативна Влада на тогашната Поранешна југословенска Република Македонија. Во Скопје, ВМРО-ДПМНЕ го наруши дијалогот со Бугарија, Грција и целиот регион, со што зачленувањето во ЕУ стана невозможен сон. За време на нејзиниот мандат, Северна Македонија преживеа деценија на замрзната интеграција и проблематични односи со соседните земји. Денес, ВМРО-ДПМНЕ продолжува да игра опасни политички игри со говор на омраза, поттикнувајќи конфронтација. Ова не е иднината што ја сакаат луѓето во Северна Македонија, се нагласува во изјавата на ПЕС.

Според ПЕС, социјалдемократската Влада на Зоран Заев е таа „што ја водеше Северна Македонија до стартната точка на преговорите со ЕУ и тој останува најдобрата личност да го продолжи овој процес, доколку на земјата и се даде шанса“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *