ДУШАН РИСТЕВСКИ ОД СИДНЕЈ – ДОБИТНИК НА ПРИЗНАНИЕТО „ЗЛАТЕН КЛАС“ НА ПЕЛАГОНИСКИТЕ СРЕДБИ ВО НОВАЦИ

 

1dusan

Душан Ристевски е познат и признат поет, драматург, автор на седум стихозбирки, 14 монодрами, основоположник на Македонското литературно друштво „Григор Прличев“ (1978), на списанието „Повод“ (1978), на Австралиско-македонскиот театар (2007) од Сиднеј и голем афирматор на Македонците во Австралија. Тој е овогодишен добитник на признанието „Златен клас за македонски вознес“, што го доделуваат „Пелагониските културно – научни средби“ во Новаци, Битплско 

Еден од најактивните и најценетите македонски општествени дејци во Австралија М-р Душан Ристевски е добитник на признанието „Златен клас за македонски вознес“ на Пелагониските културно научни средби во Новаци, Битолско. Ова значајно признание му се додели на Душан Ристевски во знак на почит на неговите поетски и драмски остварувања, кои се мост меѓу Република Македонија и демократска Австралија.

Според податоците на претседателот на „Пелагониските културно-научни средби“, Ѓорѓи Лазаревски и координаторот Панде Манојлов средбите се формирани во 2000 година во Општина Новаци. Носители на активноста се познати писатели и научни творци кои со својот личен труд дале и даваат особен придонес за опстој на истите. Овие средби се од големо значење за Општината Новаци, за Битолскиот крај и во целост за зачувување на културно-научното наследство во Македонија. Се одржуваат секоја година, вообичаено во првата половина на месец октомври.

Инаку, за судбината и вистина на Македонците од етничка Македонија кои свиле нови гнезда во демократска и мултикултурна Австралија се напишани многу новинарски страници и книги, испеани се многу песни и тажни и среќни, одржани се голем број собири, средби… Но, ретко кога човек може да прочита изворни текстови како што се на Душан Ристевски. Неговите новинарски, публицистички и драмски текстови имаат големо значење, бидејќи Душан е директен учесник во настаните меѓу македонските иселеници во Австралија и тоа не како обичен набљудувач, туку како човек  кој поминал низ успех, напредокот, постигнувањата, животот и делата на  македонското иселеништвото.

Душан Ристевски е роден на 22 февруари 1954 година во Битола, градот на конзулите. Од 1973 година живее и работи во Сиднеј, Австралија. Завршил Виша социјална школа, дипломирал на Факултетот по социологија и во 1996 година магистрирал на Факултетот по социологија и хуманистика во Сиднеј. М-р Душан Ристевски е личност која е на распетието меѓу родната земја Македонија и втората татковина – Австралија. Затоа, патот од Сиднеј до Скопје и назад го поминал повеќе пати. Речиси секоја година доаѓа во Македонија, во Скопје, во Битола, во Буково…

2dusan

3dusan

Неговата поезија е застапена во повеќе антологии во Австралија, Македонија и Америка. Но, најзначајн е тоа што тој направи Македонското литературно друштво „Григор Прличев“, кое е прво од ваков вид да биде една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко.

Душан Риатевски се доселил во Австралија – една од најразвиените ин­дус­триски и економски сили која има значајна улога во светот. Австралиската нација, која на картата на светот постои околу 250 години, а која е составена од ­многу нации и етнички групи, претставува пример за многу на­роди и земји. Етничките групи со своето заедничко жи­веење го градат познатиот австралиски мул­ти­на­ционален мозаик на културите на народите што жи­веат на тие простори.

Душан живее во метрополата Сиднеј, една од првите англиски населби на петтиот континент, градот што бил формирана во 1788 година. Денес Сиднеј е најголемото морско пристаниште, град на фјордовите и главен град на државата Нов Јужен Велс. Таму, во близина на Ботани Беј, во минатото се истоварил капетанот Џејмс Кук, поставувајќи ги темелите на денешна модерна Австралија. По Мелбурн, Сиднеј е втор македонски центар и место каде се зборува и англиски и македонски јазик.

Душан Ристевски е автор на стихозбирките: „Полутици“ (1984) издадена двојазично на англиски и македонски јазик; „Полутици-Фрагментс“ (1989); „Страдалници на сонот“ (1992); „Копча“ (2001); „Цвеќе-Жена“ (2003); „Украдени мисли“ (2009) и „Забранета љубов“ (2009); драмите „Страв и срам“ (2007), „Каменот од Роби“ (2018), „Последниот Македонец“ (2018); монодрамите: „Мајка“, изведена во Сиднеј и во Прилеп на Театарските игри „Војдан Чернодрински“ (1990), „Ченто“, изведена во Сиднеј и Волонгонг (2015/2016), „Неда“, изведена во Сиднеј (1996 и 2016), „Каменот од Роби“, изведена во Сиднеј (2018), „Тага за југ“, изведена во Сиднеј (2019); драмите:  „Страв и срам“ (2008), „Мр Балкан“ (ко-автор), (2009-10),„ Стари и весели“ (2010), „Раскол“ (2012), „Остави ја свеќата да гори“ (2012), „Борење со мечка“ (2013), „Ограда“ (2014), „Доктор Жими Мајка“ (2015), „Куферот“ (2016), „Баба се мажи“ (2016), „Сонце мое“ (2017), „Последниот Македонец“ (2018), „Баба бегалка“ (2019), сите изведени од Австралиско македонскиот театар од Сиднеј.

Една од најзначајните македонски асоцијации во Сиднеј и пошироко е, секако, Македонското литературно друштво „Григор Прличев“. Тоа е прво литературно друштво од таков вид во дијаспората. Друштвото беше формирано на 31 март 1978 година од група ентузијасти и вљубеници во македонскиот мајчин јазик, литературата и културата. Познатиот иселеник, поет, писател, драматург, општественик  Душан Ристевски беше првиот избран претседател на Друштвото, во кое се зачленети десетици познати и признати  вљубеници на убавиот македонски литературен јазик, во поезијата и прозата, во публицистиката и новинарството, во зближувањето на македонските доселеници, коишто се активни на полето на литературата.

Друштвото „Григор Прличев“ со неколку илјади книги, списанија и други материјали, организираше наградни конкурси за најдобри литературни творби, а организира и богата издавачка дејност на дела од македонските доселеници, кои во слободното време се занимаваат со пишување. Во Друштвото членуваат голем број творци на поетски остварувања. Тие се чувари на сè она што е македонско и се продолжувачи на културните вредности на македонскиот народ од сите делови на Македонија во дијаспората.

Едно од најзначајните македонски гласила, пак, што повеќе години се издаваше во Ав­стра­­лија, секако беше списанието „Повод“. Тоа беше прво македонско списание во Австралија и един­стве­но од ваков вид во иселеништвото. Излегуваше како орган на Македонското литературно друштво „Григор Пр­ли­чев„ во Сиднеј.

„Повод“ се појави на 15 ју­ни 1978 година на четири стра­ници со формат 30 х 21 см. додека наредните пет броеви ја имаа ис­тата фор­ма, а имаа зголемен број страници, во периодот од речиси пет години колку што из­ле­гу­ваше, отпечатени се 28 броеви, на различен формат.

Во период од триесетина години Македонците во Австралија направија успешни обиди на полето на театарот. Така, театарски групи од македонски доселеници и бројни Македонци родени на петтиот континент, од повеќе градови ширум Австралија презентираа интересни театарски претстави кои оставија видливи траги на полето на театарската уметност.

Една од тие македонски театарски групи е, секако Австралиско-македонскиот театар. Овој театарски состав е формиран во 2007 година со цел да ја промовира македонската драмска и театарска уметност и да ги обединува луѓето со македонско потекло кои се активни и креативни во драмски, сценски, театарски продукции и творештво.

Австралиско-македонскиот театар е познат и признат театарски состав на широко меѓу македонската и австралиската публика не само во Австралија, туку и со гостувањата во повеќе градови во Македонија ги освои симпатиите кај театарската публика и вљубениците во македонската иселеничката проблематика.

Меѓу бројните претстави на Австралиско-македонскиот театар се, секако,  претставите „Страв и срам“, „Мр Балкан“, „Стари и весели“, „Раскол“, „Остави ја свеќата да гори“, „Борење со мечка“, „Ограда“, „Доктор Жими Мајка„ „Ченто“, „Куферот“, „Баба се мажи“, „Неда“, „Неочекувана забава“, „Сонце мое“, „Каменот од Роби“, „Последниот Македонец“, „Тага за југ“, и „Баба бегалка“.

Австралиско македонскиот театар од Сиднеј се претстави пред австралиската публика на  28 ноември 2015 година, во просториите на Hurstville Civic Theatre, MacMahon Street, Hurstville, каде премиерно се престави со најновото дело на драматургот Душан Ристевски „Ченто“. Ликот на Ченто го одигра Васко Србиновски, во режира на Стефо Нанцу.

Според зборовите на Душан Ристевски испирација за ова театарско дело му бил мотивот што: Методија Андонов – Ченто беше претседател на привремената македонска влада за време на Втората светска војна кога Македонија беше окупирана од фашистите и монархофашистите на Германија, Бугарија, Италија и Грција: што тој бил и прв претседател на македонската влада после формирањето на Република Македонија во составот на југословенската федерација. Но, после овој период тој не постоеше во македонската историја, како да испари од политичката сцена без некое објаснување.

4dusan

Од промоцијата на драмата „Последниот Македонец“ 

Се чини делото „Последниот Македонец“ на Душан Ристевски заслужува посебно внимание. Таа е драма во 3 дела која го отсликува животот на еден Македонец кој се обидува да го сочува своето семејство, идентитет и желба да опстои. Од својот дом во Македонија, преку сеништата во Европа до населбите во Австралија, Филип Филиповски е човек кој ја бара и преиспитува својата душа.

После бруталниот напад врз неговиот дом и фамилијата, семејството на Филип се распаѓа. Нивното трауматично патување во новиот свет ги отсликува трагедијата на Македонците, внатрешните превирања како резултат на сегашните политички, национални, религиозни и социјални предизвици и ефектите тоа што ги предизвикува во иселеништвото насекаде во светот.

После бруталниот напад врз неговиот дом и фамилијата, семејството на Филип се распаѓа. Нивното трауматично патување во новиот свет ги отсликува трагедијата на Македонците, внатрешните превирања како резултат на сегашните политички, национални, религиозни и социјални предизвици и ефектите тоа што ги предизвикува во иселеништвото насекаде во светот.

Наградуван е повеќепати. Драмата „Страв и срам“ во 2007 год. доби посебна награда за иновација за просвета во здравството. Во 2015 година се здоби со наградата „Александар Македонски“ за животно дело во театарската уметност. За книгата поезија „Забранета љубов“ во 2010, ја доби наградата Иселеничка грамота, а во 2011 година за книгата поезија „Украдени мисли“ ја доби престижната награда „Стојан Христов“ на Струшките вечери на поезијата.

Сите активности на полето на журналистиката, литературата и театарот на Душан Ристевски придонесоа тој да стане член на Друштвото на писателите на Македонија од 1988 година, член на Здружението на новинарите на Македонија од 1989 година  и член на Македонското научно друштво од Битола.

1Slave Katin 3Пишува: СЛАВЕ КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *