Првиот контингент македонски мировници во КФОР заминаа кон Косово

Првиот македонски контингент со 44 припадници на Армијата денеска од касарната „Кузман Јосифовски – Питу“ во Тетово, заминаа кон Косово, каде во следните шест месеци ќе работат како штабни офицери во главната команда на КФОР во Приштина и ќе ја обезбедуваат регионалната команда на КФОР Запад, информира Министерството за одбрана.

Со учеството во мисијата КФОР на Косово, додаваат, Северна Македонија го зазема местото во НАТО како земја која значи мир, безбедност и стабилност на Балканот.

– Покажавме кои се нашите квалитети на многу далечни места. Од сега ќе го покажеме нашето вистинско место и во регионот. Членството во НАТО значи безбедност и стабилност за нас, значи сигурност под колективниот чадор на Алијансата, но ние тоа членство го чувствуваме како голема одговорност. Пред помалку од 20 години, нашата татковина ја искористи шансата да има мисија на НАТО за да има безбедност и стабилност. Денеска како членка на НАТО можеме да помогнеме да помогнеме тоа да се случи и кај нашите соседи. И тоа покажува колку поминавме заедно, со колку проблеми се изборивме и колку созреавме како луѓе и како држава, порача министерката за одбрана Радмила Шекеринска на неодамнешната свеченоста по повод испраќањето на овој прв контингент на Косово.

Според најавите од Министерството за одбрана, учеството на припадниците на Армијата во мисијата КФОР на Косово ќе продолжи да расте во текот на 2021 година.

-Веќе во следната ротација, планот е бројот на припадници во КФОР да се зголеми на над 60, а од идното лето заедно со нашиот долгогодишен партнер Националната гарда на Вермонт од САД, надвор од воспоставените ротации придонесот во период од 9 месеци ќе се зголеми со над 100-тина припадници на Армијата. Вкупно од идното лето во мисијата КФОР ќе учествуваат околу 180 војници, подофицери, и офицери на Армијата на Северна Македонија,велат од Министерството за одбрана.