Би претставувало непростлива грешка, и за нас, и за Бугарија, доколку си дозволиме таков луксуз да создадеме длабока лузна во односите во кои инвестиравме толку многу и ако повторно ја блокираме европската перспектива на Република Северна Македонија, вели министерот за надворешни работи Бујар Османи во интервју за хрватскиот неделник „Национал“ во врска со бугарските закани за блокада нашиот европски пат, доколку земјава инсистира на македонскиот идентитет и јазик.
– Дозволивме нашите билатерални односи да бидат загрозени од некои историски рецидиви, кои создаваат анимозитет меѓу инаку блиските соседи. Новата Влада е посветена на оваа тема, ние сме фокусирани на надополнување на она што го пропуштивме и верувам дека ќе успееме во тоа, додава Османи.
Тој вели дека по потпишувањето на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, очекувал дека се поставени темелите на долгорочно и посилно пријателство меѓу двете земји, кое ќе биде отпорно на несакани влијанија.
– Но, денешните предизвици покажуваат дека добрососедските односи никогаш не треба да се сфаќаат како завршена работа. Дури и кога изгледаат најпозитивни, тие се секогаш ранливи и затоа треба постојано да се негуваат. Република Бугарија беше жесток промотор, слободно можам да кажам најискрен борец за европската и евроатлантската перспектива на Република Северна Македонија, што остави впечаток дека нашите добрососедски односи влегоа во втората фаза, фаза на стабилно и долгорочно пријателство, нагласува шефот на дипломатијата.
Османи потсетува дека земјава мина долг и макотрпен пат, од реформи до длабоки и тешки компромиси кои се пример во регионот.
– Да бидам искрен, не само ние политичарите, туку и граѓаните воопшто веруваме дека го заслужуваме тоа, дека сме подготвени за нов чекор – да започнеме преговори. Како земја, имаме автентичен модел на функционална мултиетничка демократија што обезбедува долгорочна внатрешна стабилност, но во исто време е извозник на европските вредности во регионот. Заедно со надворешната интеграција, преточена во Договор за стратешко партнерство со Грција и Договор за пријателство со Бугарија, земјата станува регионален центар за промовирање на европската идеја на Балканот, наведува Османи.
Тој потсетува дека земјава постигна значителен напредок во последните три години во однос на реформите за приближување кон ЕУ, особено во областа на владеењето на правото, при што се поставени темели на реформи во судството, зајакнати се капацитетите за борба против корупцијата и организираниот криминал и даден е нов квалитет во почитувањето на основните човекови права, слободата на медиумите и слободното изразување на критичкиот став на граѓаните.
– Генерално, постигнавме значаен напредок и остваривме позитивни резултати во суштинското менување на општеството во согласност со европските правила и вредности. Сите овие успеси се водени од една идеја, би рекол, тие се водени од истото гориво, а тоа е европската перспектива на земјата. Во таа смисла, евентуалниот неуспех на Унијата да изгради консензус за преговарачката рамка, а со тоа и да овозможи одржување на првата меѓувладина конференција, како формален почеток на преговорите, на некој начин би претставувал заеднички сеопфатен пораз на политиката што очигледно дала сериозни резултати. Тука, се разбира, пред се мислам на сите нас кои го чекавме овој момент многу години и навистина вложивме многу политичка и социјална енергија за успех на овој процес, но конечниот неуспех ќе значи пораз за целиот регион, пораз за германското претседателство што го води овој процес и пораз за нашите соседи кои исто така вложија многу во европската перспектива на регионот, наведува Османи.
Шефот на дипломатијата се осврнува и на заедничкото претседавање на земјава и Бугарија со Берлинскиот процес, посочувајќи дека во тие рамки првпат на днвере ред на оваа иницијатива е ставена соработкатата во областа на здравството.
– Сметавме дека треба да дадеме регионален „здравствен“ одговор на КОВИД-19. Тие дискусии ќе доминираат на следниот министерски состанок за здравството, што ќе се одржи на 22 октомври во Скопје. Патем, од чисто здравствено-епидемиолошка гледна точка, да се надеваме дека ќе имаме ефикасна и безбедна вакцина за КОВИД-19 што е можно поскоро, бидејќи како лекар верувам дека само масовната вакцинација на населението може да го прекине ланецот на ширење и со тоа ефикасно да се справиме со овој предизвик на нашето време, додава Османи.
Тој во интервјуто ја нагласува и важноста на соработката на Европската Унија и земјите од Западен Балкан во соравувањето со коронавирусот.
– Ние сме особено благодарни за првичните над 3,3 милијарди евра што ги обезбеди Европската унија за да ни помогне полесно да се справиме со коронакризата, со што на некој начин оваа пандемија ги зацементира врските на Европската унија со Западниот Балкан. Заедно влеговме во оваа криза и мора заедно да излеземе од неа. Пандемијата покажа колку е важна соработката меѓу земјите од регионот, но истовремено ја покажа и политичката зрелост на земјите од Западниот Балкан, кои манифестираа европски начин на соработка, размена на информации, формирање на зелени коридори итн. Борејќи се против коронавирусот учиме една нова лекција – дека наместо изолација неопходна ни е интеграција, со цел заеднички да ги надминеме предизвиците на новото време, нагласува минситерот Османи во интервјуто за „Национал“.
Very interesting information!Perfect just what I was searching for!Money from blog