Македонските и бугарските историчари по речиси една година повторно на средба – нов обид за издигнување над политичкиот контекст

Македонските и бугарските историчари денеска по пауза од речиси една година повторно ќе се состанат за да го продолжат дијалогот, кој се води во рамки на Билатералната мултидисциплинарна комисија за историски и образовни прашања помеѓу Република Северна Македонија и Република Бугарија.

Десеттиот состанок на Комисијата, која е формирана со цел да најде заеднички јазик за надминување на разликите на двете земји во однос на одредени историски случувања, се одржува во затегната атмосфера, откако Софија постави ново условување пред Скопје во однос евроинтеграцискиот процес.

Бугарија неодамна до земјите-членки на ЕУ го достави појаснувачки меморандум, во кој меѓудругото се негира македонскиот јазик и македонската нација, а тврдите бугарски позиции биле потврдени и на средбата минатата недела во Софија меѓу министрите за надворешни работи на двете земји, Бујар Османи и Екатерина Захариева.

Македонскиот државен врв во континутет потенцира дека јазикот и националната припадност, односно идентитетските прашања се нешто што не смее да се оспорува во 21. век, но сепак бугарската страна не попушта пред нејзините тези за потеклото на јазикот во соседната земја, но и за потеклото на нацијата, за која во појаснувачкиот меморандум меѓу другото се вели дека е Титова творба.

Премиерот Зоран Заев минатата недела излезе со изјава дека македонскиот народ можеби треба да се подготви дека во декември нема да се одржи првата Меѓувладина конференција со Европската Унија, поради неевропските барања, кои Бугарија ги поставува до нас, а лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак изјави дека на средбата со Захариева на Османи му бил даден предлог за постигнување нов договор, налик на Преспанскиот, кој ќе предвидува уставни измени и со кој ќе се дефинира постоењето на македонската нација и македонскиот јазик од 1945 година па навака.

Шефот на дипломатијата вчера ги демантираше овие тези на Мицкоски, нагласуваќи дека нов договор нема и оти на средбата  станало збор за зајакнување на меѓусебната комуникација на сите нивоа.

-Околу односите со Бугарија и мојата посета, сакам да истакнам: нема нов Договор, туку има засилување на меѓусебната комуникација на повеќе нивоа. Притоа отворено разговараме за сите прашања кои произлегуваат од Договорот за пријателство, ги преземаме сите чекори за да им обезбедиме на Комисиите непречена работа, за што испративме јавна благодарност за нивниот досегашен резултат, како и охрабрување за интензивирање на нивната работа. Впрочем, Мешовитата експертска комисија веќе утре и задутре ќе одржи средба во Скопје, што ќе претставува уште еден чекор кон исполнување на обврските од договорот, нагласи шефот на дипломатијата вчера преку својот Фејсбук профил.

Тој повика на сериозност и политичка зрелост, односите со соседите да не се регулираат со пласирање секојдневно информации во јавноста, а уште помалку шпекулации или тенденциозни изјави кои имаат за цел да ја вжештат атмосферата.

За евентуалниот нов договор се произнесе и шефот на државата Стево Пендаровски, кој истакна дека во моментов ниту на вербално ниво нема барање од бугарската страна за нов договор и за промена на Уставот.

-Јас како претседател до моментов немам добиено ништо на  писмено, ниту пренесена вербална информација дека на средбата во Софија на Османи му е пренесен некаков сет на барања, рече Пендаровски во интервјуто за Топ Тема на ТВ Телма и додаде дека до овој момент ниту на вербално ниво никој нема побарано од бугарска страна промена на Уставот, а во однос на интерпретацијата на билатералниот договор.

Тој ја повтори неговата изјава, за која вели дека е и цврст државен став дека ако во Унијата не влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик не ни треба таквата ЕУ.

-Вон памет е да се разговара за каква било промена на Устав или анекси и додавања на Договорот, тоа не е потребно, рече Пендаровски.

Тој појаснува дека незадоволството во Софија е поради како што оценува, наводно занемарување од наша страна на Договорот од 2017 за разлика од Преспанскиот договор. Имајќи ги предвид разликите во правна смисла на овие договори, едниот е билатерален, а другиот меѓународен договор и двата договора во политичка смисла за нас имаат еднаква важност бидејќи и двата договора ни отвораат големи врати кон евроинтеграцијата.

Премиерот Заев вчера повоздржан во коментарот на тврдењата на Мицкоски, нагласувајќи дека треба да се внимава во овие чувствителни моменти што се кажува со цел да не се навредат ниту едната, ниту другата страна.

Тој нагласи дека македонската и бугарската страна имаат разговори и дека целта е земјата да оди напред, за што верува дека од нашата страна се прават максимални напори.

-Не знам на што мисли Мицкоски точно, но ние имаме разговори, дел од тие разговори се со пишани материјали, мора да ги дадеш формулациите со кои се разговара, а јас не би ги коментирал. Одговорни сме, сакаме земјата да ни оди напред и верувам дека ги даваме максималните напори и посветеност, имаме позитивни аспирации, внимание, пријателство за да ги постигнеме договорите, рече Заев.

Нагласи дека најважно во моментов е максимално да ги заштитиме нашите интереси, при тоа водејќи грижа и за интересите на бугарската страна.

-Веќе кажав дека со вакви предлози нашиот народ треба да знае дека постои можност да не се одржи првата Меѓувладина конференција, но кажав и дека тоа не ниту во наш интерес, ниту во интерес на бугарскиот народ. Напротив тоа е наша стратешка цел како држава, а верувам дека тоа не е во интерес ниту на премиерот Борисов, верувам ниту на претседателот Радев, појасни Заев и изрази уверување дека постои можност за изнаоѓање на решение.

Реакции за последните случувања сигнуваат и од Софија и пошироко, а според бугарските аналитичари Бугарија ќе биде притисната да не го блокира евроинтегративниот процес на Северна Македонија, бидејќи за тоа најголема поддршка ќе даде официјален Берлин, поточно германската канцеларка Ангела Меркел.

Заев вчера на прашањето дали имало реакција од Германија и од други држави по неговата изјава дека е можно да не се одржи првата Меѓувладината конференција нагласи дека реакција имало од сите и сите, како што рече, реагираа соодветно онака како што можат, затоа што нашите пријатели се згрижени за успешниот процес.

– Навистина сме редок, исклучително позитивен пример во сите евроинтеграциски и евроатлантски процеси, кои се пред нас и не сакаат секако да имаат пречка. Тука ќе застанам, ако навлезам подалеку може да ја повредам  другата страна и на тој начин да ги намалам шансите за успешни разговори, порача вчера Заев.

А шефот на државата вчера истакна дека во целиот овој процес ги користат и добрите услуги на Германија како претседавачна ЕУ, која има стартешки интерес за евроинтеграцијата на регионот и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија.

И во екот на овие политички турбуленции македонските и бугарските историчари денеска ќе треба да се издигнат над контекстот и политиката и научно да пристапат, кон прашањата за кои треба да најдат заеднички јазик.

На десеттиот состанок на Комисијата, кој ќе се одржи денеска и утре во Скопје во Клубот на пратеници, нејзините членови ќе разговараат за прашања и теми во насока на надминување на истриографските спорови, но и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата на ова тело, кое произлезе од Договорот за добрососедство.

На средбата, меѓудругото, е предвидено да се заврши со веќе започнатата дискусија во однос на усогласување на препораки за учебниците по историја за 7 одделение во Северна Македонија.

-По долга пауза како последица на Ковид 19 пандемијата, на 15 и 16 октомври во Скопје, ќе се одржи десеттата средба на Комисијата. На средбата ќе бидат разгледувани прашања и теми во контекст на надминување на историографските спорови кои претставуваат пречка во градењето на добрите односи и пријателство помеѓу двата народи и двете држави. Покрај вообичаените теми, учебниците за историја и предлог идеите за заедничко одбележувањена историски личности и настани, Комисијата ќе дискутира и за теми и прашања кои во изминатиов период претставуваа пречка во работата или, пак, причина работата на Комисијата и нејзиниот академски и експертски карактер да бидат политизирани со што се предизвикува штета на процесот на градење добрососедски и пријателски односи, велат од македонскиот тим на Комисијата.

Десеттата средба е прва средба на Комисијата оваа година, последната се одржа во ноември минатата година, а во јуни Комисијата одржа еден виртуелен состанок на кој се дискутираше за содржината на записникот од деветата средба.

Заедничката македонско-бугарска комисија досега успеа да постигне одреден напредок во однос на античкиот период и средниот век, но не и согласност околу прашањето за Гоце Делчев. Досега, за период од две години Комисијата има препорачано заедничко одбележување на пет историски личности од значење за историјата и културата на македонскиот и бугарскиот народ, но и за другите народи на Балканот и во Европа – Свети Кирил и Методиј, Свети Климент, Свети Наум и цар Самуил. Усвоени за препораки и за подобрување на учебниците по историја за шесто одделение во земјава и петти клас во Бугарија, кои се однесуваат на античкиот период од минатото, како и препораки за подобрување на учебниците за 7одделение/6 клас.

Работата на Комисијата не успеа целосно да ги одбие притисоците на дневно-политичките-случувања изминатите две години. Врз нејзината работа се одрази усвоената рамковна позиција на бугарската Влада на само една недела пред Европскиот совет на 17 октомври лани да донесе одлука дали Северна Македонија и Албанија ќе добијат датум за почеток на преговорите.

Дебатата за македонскиот јазик се разгори уште минатата година, откако МАНУ лани кон крајот на годината ја усвои Повелба на македонскиот јазик, а на тоа БАН реагираше со оценка дека станува збор за документ што е неточен и неприфатлив и им наштетува на односите меѓу двете соседни земји, како и дека официјалниот јазик во С. Македонија е пишан регионален стандард на бугарскиот јазик.

Претседавачот на македонскиот тим во Комисијата Драги Ѓоргиев во изјава за Дочје Веле уште минатата година рече дека на состаноците на Комисијата, бугарските претставници избегнуваат во историска смисла да ги користат термините „македонски јазик“, „македонска нација“ и „македонска култура“.

Според него, избегнувањето на придавката „македонски“ бугарските членови го објасниле со одредби од Преспанскиот договор, каде што таа не се користи за институции и тела формирани од државата, а во тој корпус спаѓала и Комисијата како тело формирано од Владата.

– Не може да се разговара за градење добрососедство ако ја негираат нашата историја од втората половина на 19 век до 1944 година и ако владее ставот дека во 1944 година со декрет сме станале Македонци во федеративна Југославија, рече тогаш Ѓоргиев.

А Пендаровски вчера нагласи дека во неколку наврати од Софија доаѓаат и предлози да се оди со политичка изјава или декларација дека двете страни би се обврзале дека Комисијата составена од историчари би работела побрзо, но, нагласува, нема временска рамка, не постои за нејзината работа.

Потенцира дека Комисијата работи сосема солидно, изминатата година не работеше воопшто заради Ковидот и заради изборите кај нас, во тој период имало некаков џентлеменски договорт за тоа.

-Комисијата не може да работи онлајн. Освен оваа година кога немаше средби, ви тврдам дека комисијата работеше со прилично добар резултат. И ви твдрам дека не постои историска комисија од овој формат во која било европска држава која во изминативе 100 години работела подобро и побрзо од оваа нашата, истакна шефот на државата за работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија, која денеска и утре во Скопје треба да ја одржи десеттата средба.

По завршувањето на дводневниот состанок утре во 17:45 часот во Клубот на пратеници е предвидена заедничка изјава за медиумите на двајцата копретседатели на Комисијата, Ѓоргиев од македонска страна и Ангел Димитров од бугарска страна.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *