Пендаровски: До овој момент ниту на вербално ниво нема барање од бугарска страна за промена на Уставот

Јас како претседател до моментов немам добиено ништо на  писмено ниту пренесена вербална информација дека на средбата во Софија на Османи му е пренесен некаков сет на барања, како информираа медиумите, вели претседателот на државата Стево Пендаровски.

Тој во интервју за Топ Тема на ТВ Телма, потврди дека во изминатите три месеци интензивно билатерално се работи со Софија на надминување на недоразбирањата, а ги користиме, вели, и добрите услуги на Германија како претседавачна ЕУ, која има стартешки интерес за евроинтеграцијата на регионот и одржување на првите меѓувладини конференции со Северна Македонија и со Албанија.

-До овој момент ниту на вербално ниво никој нема побарано од бугарска страна промена на Уставот. Во однос на интерпретацијата на билатералниот договор, не е првпат од софиска страна некој да побара политичка декларација или изјава со која ќе дообјасниме некои работи во Договорот од 2017. Има изјава на претседателот Радев со кој бара анекс на тој договор дека наводно не се почитува, или практично нов договор, вели Пендаровски.

Тој додава дека уште во неколку наврати од Софија доаѓаат и предлози да се оди со политичка изјава или декларација дека двете страни би се обврзале дека Комисијата составена од историчари би работела побрзо, но, нагласува, нема временска рамка, не постои за нејзината работа.

-Јас ви тврдам дека нашата комисија составена со тој Договор составена од историчари од двете страни работи сосема солидно. Во последнава година не работеше воопшто заради ковидот и заради изборите што ги одложивме. Во тој период имаа некаков џентлеменски договорт за тоа. Комисијата не може да работи онлајн. Освен оваа година кога немаше средби, ви тврдам дека комисијата работеше со прилично добар резултат. И ви твдрам дека не постои историска комисија од овој формат во која било европска држава која во изминативе 100 години работела подобро и побрзо од оваа нашата, вели Пендаровски за работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историски прашања која утре и задутре  во Скопје треба да ја одржи 10. средба.

За притосокот од Бугарија за ревидирање на Договорот од 2017, Пендаровски, вели, ние може да понудиме само реафирмираме со некаква политичка декларација што навистина мислевме со некои точки од договорот, ако им е тоа ним потребно или за убедување на ЕУ членките, но во параметрите на тој Договор, а не за нов договор.

-Вон памет е да се разговара за каква било промена на Устав или анекси и додавања на Договортот, тоа не е потребно, рече Пендаровски.

Тој појаснува дека незадоволството во Софија е поради како што оценува, наводно занемарување од наша страна на Договорот од 2017 за разлика од Преспанскиот договор. Имајќи ги предвид разликите во правна смисла на овие договори, едниот е билатерален, а другиот меѓународен договор и двата договора во политичка смисла за нас имаат еднаква важност бидејќи и двата договора ни отвораат големи врати кон евроинтеграцијата.

-Може да потпишеме декларација со која би ги реафирмирале вредностите на кои почива Договорот за добрососедство, дециден е шефот на државата.

За преговарачката рамка истакна дека во тек се  внатрешни разговори во ЕУ за усогласување на нејзината  содржина. А нашата дипломатија, наведе, индиректно и билатерално се обидува да ги појасни нашите ставови за спорните забелкешки на Бугарија приложени во појаснувачкиот меморандум што таа го испрати до ЕУ и земјите членки –  оспорување на етногенезата, на македонскиот народ и за македонскиот јазик дека е дијалектна форма на бугарскиот јазик, а со нивниот формален амандман да го наречам на преговарачката рамка е дека треба да се употребува само официјален јазик без да се спомне македонскиот што е повторно нон-сенс, практично работи за кои не може да преговарате бидејќи македонскиот јазик е одамна лингвистички факт.

Тој ја повтори неговата изјава во која вели и цврст државен став дека ако не влеземе како Македонци кои зборуваат македонски јазик не ни треба таквата ЕУ.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *