Средба Заев – Ханеда: Државата продолжи по правиот пат со отворени перспективи

Изборот на напредок и продолжување на реформите од страна на граѓаните го овозможи членството во НАТО и отвори натамошни перспективи за земјава, констатираа на денешната средба премиерот Зоран Заев и амбасадорка на Јапонија во нашата држава Кеико Ханеда, која го завршува својот мандат во земјава.

Како што соопшти владината Прес-служба, на средбата се изразени честитки за повторното именување на Заев на премиерската позиција и за изборот на новата Влада, при што ссе оценети како големи постигнувањата на договорите со соседите и е изразена почит кон напорната работа на премиерот Заев како на меѓународен план, така и на домашен план, со цел обезбедување подобар живот на граѓаните.

– Нашата држава продолжува по правата насока. По НАТО, во очекување сме на првата меѓувладина седница во Брисел којашто ќе значи практичен почеток на преговорите со ЕУ. Во меѓувреме насочени сме кон економијата, помош и поддршка на граѓаните и стопанството во здравствено-економската криза и создавање услови за економски развој. Договорите со соседите овозможија посилна регионална соработка, што се одразува поволно и на економски план. Исто така, работиме и на зајакнување на институционалните капацитети во сите области, посебно во образованието и во здравството. Формиравме стабилна Влада, има мотивација и енергија кај министрите за работа и очекуваме натамошен напредок на државата, изјави на средбата премиерот Заев.

Тој изразил благодарност за големото пријателство со Јапонија, посебно што оваа држава е еден од најголемите донатори во нашата држава за проекти од интерес на секојдневниот живот на граѓаните, а која продолжува и со најавата за нова јапонска помош од над 800 илјади евра за развој на јавното здравство во земјава.

Констатирано е дека двете држави споделуваат позитивна историја уште од времето кога Јапонија помогна во обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес. Јапонската амбасадорка пренела благодарност за помошта од нашата држава кон Јапонија за време на поплавите во 2018 година.

Заеднички е оценето дека солидарноста го покажува вистинското пријателство, дека тоа продолжува да се развива, за што има придонес и тоа што Јапонија, за прв пат, преку амбасадорката Ханеда, од 2017 година, одлучи ја покрива државава со резидентен амбасадор во земјава.

– На состанокот е заклучено дека во изминатиот период се бележи зацврстување на културните односи меѓу Северна Македонија и Јапонија и се изразени определби за интензивирање на билатералната соработка во економијата, преку споделување позитивни пракси од Јапонија, како економски развиена држава, со голема традиција и работлив народ, како и отворање можности за поголемо присуство на јапонските бизниси во земјава, се додава во соопштението на владината Прес-служба.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *