Прва средба Османи – Вархеји денеска, главна тема почеток на преговорите со ЕУ

Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ја продолжува својата прва работна посета откако е на оваа функција, денеска се сретнува со еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, јавува дописничката на МИА од Брисел.

Османи вчера се сретна со неколку европратеници и со високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, со кого разговарале за отворањето на преговорите за членство со ЕУ пред крајот на оваа година, како што очекува Северна Македонија.

Од страна на шефот на европската дипломатија било нагласено дека Северна Македонија треба да продолжи, и да се забрза исполнувањето на реформите што ги бара Европската Унија, посебно во делот на правосудството и борбата против корупцијата и организираниот криминал. Борел истакнал дека е потребно да се работи на добрососедските односи исто така.

Се очекува од Вархеји денеска да стигнат слични пораки.

Северна Македонија е во исчекување на зелено светло за почеток на преговори, а претходно земјите членки на ЕУ треба да се усогласат за преговарачката рамка за овој процес, рамка за која резервираност изрази Бугарија поради нерешени прашања помеѓу двете земји.

Османи вчера добил охрабрување од европратениците со кои се сретнал дека ќе помогнат Северна Македонија да добие зелено светло до крајот на оваа година, за да може првата меѓувладина конференција да се одржи во декември.

Денеска министерот за надворешни работи ќе се сретне и со известувачот на Европскиот Парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук, кој е по потекло од Бугарија.

Ќучук подготвува резолуција во Европскиот Парламент за поддршка за отворањето на преговорите со ЕУ.

Шефот на македонската дипломатија вчера изјави дека е оптимист за преговорите со ЕУ оваа година.

-Очекувам навремено усвојување на преговарачката рамка, притоа запазувајќи ги принципите на новата методологија во преговарачкиот процес. Ни претстои период на позитивна клима, многу работа, но и мотив за испорачување резултати од реформите на домашен план. Мојот фокус е продлабочување на добрососедските односи не само како наша автентична придобивка, туку и како активен придонес во регионалната соработка како клучна политика за одржување на европската идеја на Балканот, изјави вчера Бујар Османи.

Тој разговарал и за состојбата во регионот со Јосеп Борел, посебно за дијалогот Белград и Приштина и го уверил шефот на европската дипломатија дека Северна Македонија стои на располагање за да помогне доколку тоа биде потребно.

Се очекува исто така со Вархеји денеска да стане збор и за Економскиот и инвестициски план што го најавува Европската Комисија веќе неколку месеци.

Овој План треба да биде објавен во текот на октомври и има за цел да помогне за зајакнување на економиите во регионот пред сѐ преку инфраструктурни проекти.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *