Ѓоргиев: Гоце Делчев припаѓа и на Македонија и на Бугарија и јас тука го гледам патот

Прашањето околу идентитетот на Гоце Делчев повеќе се наметна од јавноста отколку што беше дискусија во самата Комисија. Според мене, Гоце Делчев припаѓа и на Македонија и на Бугарија и јас тука го гледам патот. И тоа го кажав иако не верувам дека ќе биде прифатено од бугарска страна, дека во овој момент треба да се задржат двете перцепции кон Гоце Делчев, и македонската и бугарската перцепција и во овој момент мислам дека тоа е решението.

Ова го изјави Драги Ѓоргиев, претседател на македонскиот тим експерти во заедничката македонско-бугарска Комисија за историски и образовни прашања, во вечерашната емисија „Само вистина“ на Канал 5 телевизија.

Според него, било кое решение во кое ќе надвладее едната или другата страна нема да биде решение, нема да биде прифатено од општеството, од народот во соодветната држава.

-И затоа доколку сакаме во овој момент да се мрднеме ние од таа мртва точка треба да го прифатиме овој став во овој момент кој, според мене, не пречи да се слави Гоце Делчев заеднички. Согласно македонскиот наратив Гоце Делчев е македонски национален херој, според бугарскиот тој е бугарски национален херој, меѓутоа има елементи кои дозволуваат тој лик, важен за двата народи и за двете мемории, да се слави заеднички, подвлече Георгиев.

Појасни дека во бугарската историографија терминот Македонец во тоа време значи само регион, дека означува човек со географско потекло од Македонија, меѓутоа не и по националност Македонец и оти таа е тезата до која се држат и колегите во бугарската Комисија и колегите во бугарската историографија.

-Документација има, но како што реков од најразлична провиниенција, и од европска провиниенција и од османлиска и од бугарска и од преписките во рамките на самата организација и сакам да кажам дека кога се зборува за тие извори мора да се внимава на контекстот, на времето во кое се создадени тие извори и без тоа толкување многу тешко ќе успееме да дојдеме до некоја, условно кажано, објективна вистина, иако објективна вистина не постои во историографијата, оцени тој.

Во однос на Гоце Делчев, Ѓоргиев потсети дека тој е роден во Македонија, во Кукуш.

-Гоце Делчев ги поминува бугарските образовни институции, од основно, средно школо, Воена академија. Меѓутоа, лојалноста на Гоце Делчев не е кон Бугарија. Лојалноста како татковина на Гоце Делчев е кон Македонија, вели Ѓоргиев, додавајќи оти тоа го разбираат и неговите бугарски колеги.

-Меѓутоа мора повторно да се вратиме на тоа да го прифатиме и тоа дека постојат документи во кои Гоце Делчев се декларира како Бугарин. И тоа исто така ние треба да го имаме предвид, не може да го апстрахираме тоа. Меѓутоа, не може тоа да биде единствениот елемент околу кој ќе се фатиме ние за идентитетот на Гоце Делчев. Гоце Делчев покрај неговиот силен политички македонски идентитет, тој има силен географски идентитет. Тој живее во времето кога веќе Македонија како територија е перципирана од тоа население како татковина. Како татковина, тие луѓе не се борат за ниедна друга држава, туку за Македонија – да биде автономна држава, па подоцна, хипотетички независна држава или, како што велат бугарските колеги, да се приклучи кон Бугарија. Постои таква хипотеза. Но Гоце Делчев и целата организација силно се спротивставуваат исто така и на државниот бугарски национализам во тоа време во однос на проширувањето на територијата и на тие судири меѓу малите балкански држави за Македонија. Тој се спротивставува, така што неговата политичка лојалност, неговиот политички идентитет е македонски во однос на оваа територија, на татковината Македонија кој тој ја доживува како татковина и никако поинаку, појаснува Ѓоргиев.

Вели дека со бугарските колеги се уште разговараат за Гоце Делчев, иако немаат нешто премногу напишано на хартија.

-Уште разговараме. Немаме нешто премногу напишано на хартија, разговараме, дискутираме. Сите тие фактографски податоци за Гоце Делчев се прифатливи и за двете страни коишто се општо познати – роден, починат, се школува. Меѓутоа, проблемот е околу тој содржинскиот дел како ќе биде претставен и тука разговараме и дискутираме. Текстуалниот дел што ќе биде напишан, оној што ќе ја отслика важноста на Гоце Делчев и за двата народа зошто е важен, вели Ѓоргиев.

Според него, треба многу трпение и мудрост со цел да се задоволат и двете страни, за да може да се препознае она што ќе го дадеме пред јавноста и двата народи.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *