Стерјовски праша за состојбата со Преспанското Езеро и Националниот парк, но не доби соодветен одговор од министерот Клоси

Еколошката катастрофа што му се заканува на Преспанското Езеро и управувањето со фондовите во Националниот парк „Преспа“ по барање на Васил Стерјовски, пратеник од единствената македонска партија во Албанија, Македонска алијанса за европска интеграција, МАЕИ, беа тема на расправа на денешната пленарна седница на парламентот во Тирана.

-На Преспанското Езеро поради сушата и климатските промени му се заканува еколошка катастрофа и од 2018 година до денес нивото на езерото е пониско за 5 метри и е повлечено најмалку 200 метри, во споредба со првичната водна линија. Ова езеро ги спојува териториите на Албанија, Македонија и Грција и е проблем што ги засега сите три земји кои го делат езерскиот брег и мора да се преземат заеднички активности за забавување на оваа природна катастрофа, речеСтерјовски.

За да ја илустрира ситуацијата денес со Преспанското Езеро, тој покажа две фотографии од албанскиот дел на Преспанското Езеро во близина на селото Горица.

Првата фотографија,рече тој е од 2018 година, додека втората фотографија е од оваа седмица каде е прикажан комплетниот дел од езерото што е повлечен.

Тој потоа директно го праша министерот за министерот за туризам и животна средина, Бледи Клоси, дали министерството го следи повлекувањето на водата во Преспанското Езеро и дали министерството планира мерки, студии, програми или конкретни проекти заедно со релевантните институции на С.Македонија и Грција да се спречи алармантниот пад на водата во Преспанското Езеро.

Стерјовски се задржа и на, како што рече, недоволната грижа на Владата и ресорното министерство за подобрување на условите за живот на жителите во Мала Преспа.

-Во последните 20 години од формирањето на Националниот парк Преспа, министерството за туризам и животна средина во соработка со странски донатори спроведе разни проекти за Националниот парк „Преспа“ со цел заштита на животната средина, подигање на свеста на населението, градење на капацитетите на администрацијата на Националниот парк, зголемување на бројот на туристите, подобрување на животот на жителите, беа изготвени разни студии, сето тоа достигна вредност од неколку милиони евра.

За жал, сите овие проекти не придонесоа за намалување на сиромаштијата во областа, ниту за заштита на животната средина во Националниот парк Преспа, чија територија во 90 отсто е дел од територијата на Општина Пустец, рече Стерјовски.

Го спомна и последниот грант од германската влада, во износ од 3,5 милиони евра како дел од втората фаза на проектот „Прекуграничен резерват на биосферата Преспа“.

-Целта на проектот беше да се намали употребата на природните ресурси, како и да се намали сиромаштијата во албанскиот дел од Преспанскиот биосферски резерват, да се зачува биолошката разновидност и да се подобрат условите за живот на населението во паркот Преспа. Реализацијата на проектот завршува на почетокот на идната година но се уште нема реални инвестиции поддржани од овој проект во областа на паркот Преспа, посочи тој.

При тоа Стерјовски побара од министерот да каже дали има увид каде се потрошиле средствата, и го потсети дека и самиот тој за време на свеченоста по повод 20-годишнината од создавањето на Националниот парк „Преспа“ во февруари ова година во општина Пустец, јавно изразил разочарување што неколкупати доаѓал во Преспа и не можел да го видите производот од овој проект во полза на жителите.

-Според податоците што може да се најдат јавно за Националниот парк „Преспа“ во овие 20 години од различни донатори се дадени над 20 милиони евра. Не верувам дека постои друга област во нашата земја каде се дадени над 20 милиони евра, но од друга страна селата немаат водовод, канализација, потребна здравствена заштита и се најсиромашни во Албанија, каде невработеноста е над просекот а земјиште се обработува сеуште со плуг, рече Стерјовски и повторно покажа фотографии како малопреспанци ораат со плуг и добиток.

Тој апелираше до колегите пратеници дека е време отворено да се зборува за проблемите со управувањето со средствата во Националниот парк Преспа.

Министерот Клоси на поставените прашања не даде целосен одговор.

-Преспанското Езеро е една дестинација која станува се попривлечна за туристите кои лани ги имаше над 110.000, што придонесуваат во ублажувањето на сиромаштијата во областа. Намалувањето на водата е последица на глобалните климатски промени кои условуваат да нема врнежи од снег и дожд како порано, одговорил Клоси.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *