Заев во Атина: Северна Македонија има интерес да се вклучи во изградба на терминалот за течен гас кај Александрополис

Премиерот Зоран Заев, во рамките на дводневната работна посета на Грција, денеска имаше средба со Кристос Копелузос, извршен директор на групацијата „Копелузос“, која е основачки акционер на компанијата „Гастрејд“.

На средбата, одржана на покана на компанијата „Гастрејд“ учествуваше и заменик-претседателот на Владата задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи, како и високи претставници на компанијата „Гастрејд“, беше изразен взаемниот интерес Северна Македонија да се вклучи во изградба на терминалот за течен природен гас во близина на Александрополис во Грција, како нова, независна влезна точка за снабдување со природен гас на земјите од Југоисточна Европа, меѓу кои и нашата земја, соопшти владината прес служба.

– Со покажаниот интерес, за кој од конзорциумот „Гастрејд“ изразија поддршка тоа да биде остварено, Република Северна Македонија ќе биде дел од проектот за изградба на пловна станица на 17 километри од Александрополис за привремено складирање и гасификација на течниот природен гас, со капацитет од 170.000 кубни метри и можност за снабдување со природен гас од над 5,5 милијарди кубни метри.
Со овој проект се создава можност за трајно и стабилно снабдување со природен гас за нашата земја, која, истовремено, ќе стане точка од која потоа гасот ќе се дистрибуира и пошироко во регионот, и во земјите кои ќе покажат интерес, се наведува во соопштението.

Во текот на минатиот месец дел од овој проект стана и Република Бугарија, преку националниот оператор за природен гас „Булгартрансгас“, а вклучувањето на Северна Македонија во проектот ќе овозможи диверсификација на рутите за пристап до природен гас не само за нашата земја, туку и за Централна Европа.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *