Сега е моментот да избираме за покасно да не биде доцна кога ја бираме нашата иднина. Бев на тв-дуел со господинот Заев и зборуваме на темата со каква програма излегуваме на овие избори и го прашав едноставно прашање, која е заедничката програма на коалицијата СДСМ и БЕСА. Пред неколку дена претседателот на БЕСА господинот Билал Касами зборува дека иднината на Македонија е федерализација, а втор чекор е нејзино распаѓање. Дали е ова дел од програмата на коалицијата на СДСМ и БЕСА, истакнал претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски на средбата со граѓани во Босилово.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски истакнал дека овие се тешки времиња и дека од една страна е опасноста од корона вирусот која ја почувствувал тој и неговото семејство, а од друга страна ова се одговорни времиња во кои се одлучува за иднината на Македонија.
– Не се одлучува за нијанси туку за две сосема спротивени понуди. Имаме луѓе за кои нема ништо свети и имаме луѓе што си ја љубат татковината. Многу е важно што ќе оставиме зад нас. А таа чест и честитост не се стекнува преку ноќ. Треба работа и докажување, се посочува во партиското соопштение.
Тој истакнал дека ќе проверат кај фамилијата на Зоран Заев како тоа преку ноќ се печали за „Бентли“ возило.
– Како се градат хациенди во Женева и на брегот на нашиот јужен сосед. Да видиме како се тргува со државата за острови. Ќе имаат можност исто како и јас, како и сите други да докажат како се стекнале со имотот. Кај има правда и кај има мир. Од нивната правда видовме само по некое куферче Луј Витон полна со жолтици. И по некоја „Трас-Трас“ судска одлука. Додека патриотите седат оковани во зандани, се ослободуваат убијци на деца. Сетете како ветуваше правда за убиените дечиња на Смилковско езеро. Кога седна на фотељата на илинденска прво ги ослободи сторителите на тој грозоморен чин. Да не дозволиме да ни ја парчат државата, се пренесува во соопштението на ВМРО ДПМНЕ.
Мицкоски рекол дека денеска Македонците се граѓани од втор ред како последица од владеењето на СДСМ во минатото.
-Така е во Струга, Кичево, Тетово, Гостивар. Тогаш се случи и аферата со тенковските делови. Од сегашниве нема крај на националното понижување, а за криминал може да зборувам до утре. Почнувајќи од 6 милиони евра платени на адвокат близок на власта, па 300.000 евра од бизнисмен па не завршиле работа па барале уште. Но, на 15 јули тоа ќе биде поразено. На 15 јули победува обновата. Нашата програма. Таму ќе најдете повеќе од 1000 проекти. Таму ќе најдете за секој по нешто. Таму има како за еден мандат ќе дојдеме до 25 проценти повисоки плати. Таму ќе најдете како ќе дојдеме до 20 посто повисоки пензии и враќање на старото законско решение со што пензиите ќе растат двапати годишно. Таму ќе најдете како до 4 милијарди евра директни странски и домашни инвестиции. Таму има како ќе дојдеме до рамен данок од 8 проценти и стапка и стапка на невработеност помала од 10 проценти. Данок од 0 проценти за оние кои ќе вработат лице до 29 години старост. Таму ќе најдете како до 640 милиони евра субвенции за земјоделците. Земјоделецот да биде горд и достоинствен а родот да биде платен чесно. Повеќе од 1000 километри нови и реконструирани патни правци локални и регионални, рекол Мицкоски.
Немаме намера да преговараме и договараме, истакнал Мицкоски, ништо повеќе од тоа дека Гоце Делчев бил Македонецот кој бил симбол на Македонија. – Дека Даме, Питу, Никола, Тодор се македонски јунаци на кои се темели нашата македонска држава. За македонскиот јазик нема преговори. Се додека постои ВМРО-ДПМНЕ ќе постои Македонија, се додава во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.
Христијан Мицкоски потенцираше дека жителите на Босилово на Иловица и Штука ќе одлучуваат што ќе се случува со рудниците овде.
– За крај сакам да кажам дека Александар Николовски го знам многу години. Имавме иста цел а тоа беше Македонија. Се боревме во рамките на ВМРО-ДПМЕН. Денес работиме за иднината на Република Македонија. Кај него најмногу импонира неговиот патриотизам затоа на 15 јули рано наутро да заокружиме реден број 14 пред името на Александар Николовски, повика претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, се вели во партиското соопштение.