Министерството за правда испратило уредна документација за екстрадицијата на Грујевски и Бошковски

Министерството на правда на Република Македонија уредно и навремено ја доставило целокупната документација, преведена на француски и на грчки јазик, за  екстрадицијата на Горан Грујевски и Никола Бошковски. Ова го изјави министерот за правда Билен Салији на денешната средба со новинарите.

Судското рочиште кое се одржа на 29 ноември за нивната екстрадиција е одложено за 13 декември поради отсуство на адвокат од тричлениот адвокатски тим на Грујевски и Бошковски.

Инаку,  Грујевски и Бошковски денеска имаа рочиште во судот во Солун за поседување лажни патни исправи, што е одложено за 17 мај 2018 поради тоа што еден од обвинетите од групата мигранти, во кои се и двајцата бегалци од Македонија, не бил уредно поканет од страна на судот, потврди за МИА нивниот адвокат Петар Василев.

Василев вели и дека Грујевски и Бошковски побарале политички азил во Грција.

По Грујевски и Бошковски македонските власти имаат распишано меѓународни потерници, а грчките власти ги товарат за поседување лажни патни исправи.

Тие претходно два пати беа изведени пред Судот во Солун, но рочиштата беа одлагани бидејќи грчкиот суд не можеше да обезбеди преведувач од македонски на грчки јазик и обратно.

Грујевски и Бошковски беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.

Тие се обвинети од Специјалното јавно обвинителство за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“. Македонските власти на 6 номври ја доставија документацијата за нивна екстрадиција од Грција.

Грујевски и Бошковски во меѓувреме остануваат во притвор во Солун.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *