85 Години од животот и делото на Ѓоко Јаковлевски, викан Гоце Македонски

Западен Берлин за Гојко Јаковлески беше голем предизвик за да го запознае и таму да ја побара среќата. Таму пристигнал  во октомври 1965 година, и другото утро отишол да руча во ресторанот-самопослуга што се наоѓале во близина на прифатилиштето за бездомници. Цената на менито била популарна, а лебот го давале без пари, така што можел од него да јаде колку што сака. Гојко  се сеќава како да било вчера, зел вариво од грав и грашок. За негова голема среќа, на соседната маса ручале двајца градежни работници и разговарале на српско-хрватски јазик.

Почувствувал големо олеснување, повеќе не бил сам, во негова близина се наоѓале луѓе од неговата држава. Им се претставил и започнал разговор со нив. Меѓу другото, ги прашал дали знаат каде може да најде работа и дали тие некако можат да му помогнат. Биле мошне љубезни и веднаш изразиле подготвеност да му излезат во пресрет. „Знаеме дека од нашите во Берлин е успешен Матијас Братиќ, католик, дојден е од Босна и Херцеговина, има два ресторана и постојано бара работници, можеби и сега има потреба од луѓе“, му рекол еден од нив.

Откако ручале, сите тројца се упатиле кон еден од рестораните на Братиќ, кој бил во непосредна близина. Ресторанот бил преполн со гости. Долга редица луѓе чекале пред шалтерот каде што се издавала храната, а сите столови биле зафатени. Гостите претежно биле студенти и професори од неколкуте факултети што се наоѓале во близина.  Таму Гојко го запознал сопственикот на ресторанот, Матијас Братиќ, кој ја послужувал храната. Тогаш Гојко му објаснил дека доаѓа од Македонија и дека бара работа.

Првото прашање на Братиќ било дали знае да прави бурек, а Гојко му одговорил дека бил голем љубител на бурек, но, за жал, не знаел да го подготвува, но имал дозвола за работа во Германија. По разговорот и многуте прашања Братиќ го испратил да работи во другиот ресторан, но да мие садови.

Така уште наредниот ден, веднаш по пристигнувањето во Западен Берлин, Гојко нашол работа. Работата била мошне тешка, постојано му носеле купишта чинии за да ги измие. Не му останувало време ниту за малку одмор, зашто река луѓе  постојано пристигнувале за да се хранат во ресторанот. Преку цел ден имало големи турканици. Работел по дванаесет часа, без никаква пауза. Тие денови почнал да го боли грбот и само што ќе стасал во станот, легнувал и од премореност веднаш заспивал.

Од тешката работа го спасило познавањето на германскиот јазик. По неколку дена миење садови, сосем случајно кога минувал низ ресторанската сала, еден од гостите Германци го прашал нешто, а Гојко љубезно му одговорил на течен германски јазик. Тоа го слушнал раководителот Жико, кој одамна барал работник што го познава германскиот јазик, за да може да го замени.

8.4

Панорама на Берлин

Тогаш му се обратил на нововработениот Гојко дека наместо да мие садови, бидејќи говорел германски јазик ќе работи на неговото место, да ги сервира и аранжира чиниите со храна. Очигледно, Жика бил среќен што нашол работник кој добро го знае германскиот јазик, а Гојко уште посреќен што повеќе нема да мие чинии и имал поголема плата. Покрај тоа, новата работа му овозможила да има контакти со повеќе луѓе, преку кои се запознавал со новините и состојбите во градот. Тоа за Гојко било почетокот на ресторанскиот бизнис во Берлин.

Меѓутоа, по шест-седум месеци работа во ресторанот на Братиќ, Гојко сакал да ги продолжи студиите на Медицинскиот факултет во Берлин. Ги поднел документите, но одговорот бил негативен, со образложение дека сите места биле пополнети. И покрај тоа што не успеал да ги продолжи студиите по медицина во Берлин, Гојко не сакал да се врати во Хомбург.

Работното место во ресторанот му било добро, бил одговорен на целиот персонал, бил почитуван од сите, посебно од сопственикот Братиќ. Го засакал Берлин, а со него била и неговата љубов – Загорка. Таа работела во кујната на ресторанот. Имала завршено средно угостителско училиште во Белград и решила да ја проба среќата во Германија. Била млада и убава, темпераментна и многу способна готвачка.

Додека работеле во ресторанот, Загорка и Гојко почесто излегувале за да го запознаат Берлин, што им била нивна голема желба и цел на нивното доаѓање во Берлин. Тоа помогнало Гојко да се реши дефинитивно да остане во Берлин, метрополата која по многу нешта била атрактивна и посакувана за живеење и бизнис.

Искуството што го стекнал во ресторанот и готвачките способности на неговата Загорка сметал дека се доволни да се обидат да започнат да се занимаваат со угостителство, во своја сопственост и да најдат соодветен локал. Меѓутоа, ги мачела помислата како да дадат отказ од работата каде што биле одлично примени од сопственикот, кој имал голема доверба во нив. Што да му кажат, како да му објаснат зошто си заминуваат, а да не го повредат.

По повеќедневно размислување, решиле да му соопштат дека наводно двајцата сакаат да заминат во Виетман, тој да се бори за правата на виетнамскиот народ, а таа да ги лекува ранетите. Со тоа си нашле еден вид оправдување.

Но намерата била сосема поинаква. Имено, по едномесечна подготовка, во ноември 1966 година, отвориле киоск за брза храна, т.н. имбис. Работеле деноноќно, со голема љубов и ентузијазам. Биле млади и можеле да издржат секаков напор. Биле пресреќни кога пред нивниот киоск започнале да се создаваат долги редици, од што заработиле повеќе пари што им обезбедувало голема сигурност во работата.

8.6

Кога имбисот станал претесен, решиле да отворат ресторан. Така, по една година работење со киоскот, во средината на 1967 година, нашле погоден локал што го зеле под закуп. Го реновирале и подготвиле мени со разни специјалитети, посебно македонски. Ресторанот го нарекле „Скопје кај Македонецот“, односно познат како „Старо Скопје“.

Меѓутоа, Гојко посакувал да отвори ресторан во центарот на Берлин. Постојано ги следел огласите во весниците да најде погоден локал и да ја оствари саканата цел, да има ресторан во строгиот центар на Берлин. Неговата желба била ресторанот да биде со препознатлива македонска кујна и со македонски алкохолни пијалаци и германски и интернационални специјалитети.

Еден ден среќата му се насмевнала. Во еден од весниците прочитал дека на „Ку-дам“, најпознатата берлинска улица, се издава локал, по што без двоумење склучил договор и започнал подготовки за отворање на ресторанот. Така и се случило кога  на 13 јуни 1969 година се отворил новиот ресторан „Ново Скопје“, кој бил прв на главната улица „Ку-дам“, а десетти во Берлин.

На свеченото отворање на ресторанот присуствувале голем број видни граѓани на Западен Берлин, меѓу кои градоначалникот, бизнисмени и културни работници. Истовремено, дошле и многумина Македонци, пријатели на младиот, амбициозен и мошне работлив Гојко, кој го претворил ресторанот во собиралиште на Македонците и Германците, особено на оние кои живееле и работеле во Берлин, како и гости од разни страни на светот кои доаѓале организирано да го посетат Западен Берлин, да го видат Берлинскиот ѕид и Рајстагот, кои вотоа време претставувале посебна атракција.

Уште од самиот почеток во ресторанот „Ново Скопје“, била поставена организација на висок степен која функционирала беспрекорно. Менито било разновидно и квалитетно, конкурентно, привлечно за посетителите, а асортиманот на храната и пијалаците бил богат и вкусен. Секако, амбиентот кој бил во стилот на македонската куќа, бил декориран со предмети и украси што се користеле пред стотина години во Македонија“.

Сето тоа помогнало ресторанот „Ново Скопје“ да биде атракција не само за Германците, туку и за Македонците кои доаѓале од многу места од Германија, Франција, Холандија. Така, оваа „македонска куќа на храната и пиењето“ останала во сеќавање на илјадници посетители.

Продолжува

 B3

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *