Отецот Партениј нов епископ на МПЦ-ОА, митрополитот Кумановско-осоговски се повлекува од здравствени причини

Македонската православна црква – Охридска архиепископија доби нов епископ.  Синодот на МПЦ-ОА денеска го избра игуменот на Бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ архимандрит Партениј за викарен епископ на Дебарско-кичевската епархија со титула „Антаниски“ според античкиот град Антанија кој бил епископско седиште.

Тој истовремено ќе ја задржи и својата должност како игумен на Бигорскиот манастир, каде што ќе биде и неговото постојано седиште.

На денешната седница на Светиот архиерејски синод е прифатена и одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски г. Јосиф да биде ослободен од митрополиската должност од здравствени причини, а за негов наследник е избран игументот на „Свети Јоаким Осоговски“, отец Григориј за епископ Сарандополски до моментот додека да биде интронизиран за Кумановско-осоговски.

Отец Партениј е избран едногласно, а отец Григориј со значително мнозинство.

Одлуката на митрополитот Кумановско-осоговски да се повлече од митрополската должност, како што изјави портпаролот на МПЦ-ОА митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, е малку невообичаена, имајќи предвид дека г. Јосиф е човек на 40-тина години.

– За најголем дел од македонската јавност, вклучително и за мене како портпарол на Светиот Архиерејски Синод, не знаев дека е во таква состојба, дека ќе побара ослободување од архиерејска должност имајќи предвид дека е човек на 40-тина години, изјави Тимотеј.

Наречението (објавување на веста пред верниците) за отец Партениј е закажано за 11 јули во манастирот „Свети Јован Бигорски“, а на 12 јули на празникот на светите апостоли Петар и Павле ќе се одржи хиротонијата во храмот Света Софија во Охрид.

За отец Григориј наречението е закажано за 25 во манастирот „Јоаким Осоговски“, а на 26 ќе се одржи хиротонијата во црквата Свети Никола во Куманово.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *