МЕД го одбележува Меѓународниот ден на биолошката разновидност со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро

Македонско еколошко друштво во соработка со Општина Ресен и Националниот парк „Галичица“, Меѓународниот ден на биолошката разновидност – 22 мај годинава ќе го одбележи со пребројување на пеликаните од Преспанското Езеро.

-Се со цел доближување на природните убавини во нашата земја МЕД одлучи на 22 мај – петок, на своите социјални мрежи преку целиот ден да споделува слики и видеа од теренската активност за пребројување на пеликаните во Преспа. Затоа во петок следете не на фејсбук и инстаграм и уживајте во глетките од Преспанското Езеро, соопшти Македонското еколошко друштво.

Оттаму посочуваат дека пребројувањето на пеликаните е прекугранична активност што ги вклучува и нивните партнерски организации од Грција и Албанија – Друштвото за заштита на Преспа и Друштвото за заштита на животната средина во Албанија.

Броењето на пеликаните МЕД го спроведува од 2013 година. Пеликаните кои секојдневно доаѓаат да се хранат во македонскиот и албанскиот дел од Големото Преспанско Езеро, како што наведува друштвото, припаѓаат на најголемата гнездечка популација на овој вид во светот, која се наоѓа на Малото Преспанско Езеро, и ја нагласува неопходноста од заедничка соработка во напорите за зачувување на биолошката разновидност.

Темата на годинешното прославување на Меѓународниот ден на биолошка разновидност е „Природата нуди решенија.

-Биолошката разновидност ја подразбира севкупноста на живиот свет на Земјата. Таа не ја вклучува само разновидноста на гените, видовите и екосистемите, туку и различните односи помеѓу живите суштества. Комплексноста на оваа разновидност е главна карактеристика на екосистемите и нивното функционирање, кои суштински придонесуваат за благосостојбата на човекот и се од огромна корист за општеството во целина. Овие придобивки од природата тешко може парично да се вреднуваат!, се наведува во соопштението на МЕД.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *