Николовски: Искористувањето на ИПАРД програмите еден од главните приоритети на МЗШВ

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, денеска во Охрид, учествуваше на Работилницата за имплементација на ИПАРД pрограмите, на која што присуствуваа првите луѓе од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската унија (DG Agri) и од Постојаната работна група за регионален рурален развој – SWG, како и директори и претставници на Платежните агенции од Хрватска, Турција, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово.

Оваа работилница се одржува во период кога сите предлози и забелешки се добредојдени за подобра реализација на ИПАРД програмите. Работилницата е во организација на Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската унија и Постојаната работна група за регионален рурален развој – SWG.

Претставниците од Платежните агенции од Хрватска, Турција, Црна Гора, Србија, Албанија и Косово, на работилницата ги презентираа своите искуства во користењето на европските фондови, проблемите со кои се соочуваат, но и изнесоа предлози за поефикасна искористеност на ИПАРД програмите, соопшти Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

Министерот Николовски ги посочи искуствата на Република Македонија во користењето на европските фондови, потенцирајќи дека се направени анализи, детектирани се слабостите и веќе се адресираат за решавање со цел да не се повторат истите грешки и во искористувањето на ИПАРД ИИ.

– Едно од горливите прашања во ИПАРД е соодветна екипираност на надлежните институции однос на Платежната агенција и Телото за управување со ИПАРД. Владата на Република Македонија го детектираше овој проблем и веќе во тек е процесот за првите нови вработувања и кадровска екипираност на Платежната агенција и на Телото за управување со ИПАРД. Пред Платежната агенција и пред МЗШВ стои голем предизвик со реализација на ИПАРД II, стои во соопштението.

На првиот јавен повик од ИПАРД Програмата 2014-2020 кој беше реализиран лани, според министерот Николовски, има рекордно голем број добиени барања за ко-финансирање од ИПАРД.

– Пристигнати се 1.649 барања и побарани над 55 милиони евра за ко-финансирање, а целата ИПАРД Програма 2014-2020 која може да се користи до 2023 година изнесува 60 милиони евра. Пред нас е предизвикот да се обработат сите барања и да се потпишат договори со корисниците, и оваа година да имаме исплати, за што Платежна агенција прави големи напори за да се забрза овој процес, изјави министерот Николовски.

Програмата ИПАРД 2007-2013, или т.н ИПАРД 1, заврши, последните исплати кон крајните корисници се реализирани и според податоците беа составени 3.069 барања за користење на ИПАРД средства, а се исплатија 1.052 барања, во вредност од 16 милиони евра.

Министерот Николовски потенцираше дека Владата континуирано ќе презема мерки кои ќе го помагаат процесот на поголема искористеност.

– Еден од проблемите со кој се соочуваат потенцијалните корисници на ИПАРД програмите е недостаток на средства за реализација на инвестицијата, и затоа МЗШВ во соработка со другите институции забрзано работи на воспоставување на механизам, односно гарантен фонд, кој би овозможил предфинансирање не само за ИПАРД Програмите, но и за генерирани инвестиции во агро-бизнис секторот, изјави министерот Николовски.

Како што се наведува во соопштението Николовски, денеска имаше и работен состанок со првите луѓе од Генералниот директорат за земјоделство и рурален развој на Европската унија (DG Agri), на кој што се разговараше за статусот и динамиката на примените апликации на последниот повик за ИПАРД.

Министерот Николовски најави зајакнување на капацитетите на Платежната агенција, се со цел поефикасно контрактирање и исплаќање на корисниците. До крајот на месецот, МЗШВ ќе испрати пакет со измени на ИПАРД Програмата, со што ќе се симплифицираат условите и критериумите за аплицирање и ќе се предложи во Програмата да влезат две нови мерки, односно мерки за Советодавни услуги и ЛИДЕР пристапот.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *