Дијалогот меѓу Македонија и Русија го карактеризираат одржливо партнерство и повеќевековното пријателство меѓу нашите два народи, изјави рускиот амбасадор Олег Шчербак, кој денеска престојува во Битола, по повод одбележувањето на Денот на руската дипломатија во светот.
Рускиот амбасадор потенцира дека Русија сака натамошно сеопфатно унапредување на, како што рече, сестринската и заемно корисната собработка со македонските пријатели.
– Подготвени сме да да се движиме по тој пат, толку далеку, колку што за тоа е подготвена Македонија, нагласи Шчербак.
Тој посочи дека во 24-годишните дипломатски односи меѓу двете земји, не е забележана ниту една вмешаност од страна на руската Амбасада во Македонија, ниту на руската надворешна политика, во внатрешните работи на Скопје.
– Затоа и во оваа прилика потсетувам дека ние се залагаме за сеопфатен развој на соработката со Република Македонија во сите сфери, во политиката, економијата, културата, хуманитарната сфера и сакам да потврдам дека ние сме подготвени да ја развиваме нашата соработка, рече рускиот амбасадор.
Традиционално, руската Амбасада во Македонија централниот настан по повод одбележувањето на Денот на руската дипломатија го спроведува во Битола пред споменикот „Руски крст“ којшто е подигнат во градот во чест на рускиот императорски конзул Александар Ростковски кој е убиен во Битола пред 115 години, кога ја исполнувал својата дипломатска должност во Македонија.
Пред споменикот беше положено свежо цвеќе, во чест на загинатиот.