Вработените во „Еурокомпозит“ бараат крајно решавање на проблемите во овој загубар

Да се реши проблемот со неплатените придонеси за пет и пол години и да почне исплата на бруто плата, како за сите вработени во државава, побараа вработените од наменската фабрика „Еурокомпозит“, единствениот загубар во Македонија на денешната прес-конференција што ја одржаа пред фабриката.

Според Роберт Богданоски, претседател на синдикалната организација, вработените се револтирани на раководството на „Еурокомпозит“ зашто не биле испочитувани повеќе договорени прашања.

– Наместо ветената плата, раководството за 2018 година ни исплати линеарно по 5.000 денари, нема договори за работа, не се почитува синдикатот. Од состанокот во Владата на 24 октомври минатата година и најавата дека ќе се најде решение за „Еурокомпозит“ до денес нема ништо, ниту од последниот состанок на директорот во Владата. Затоа сме принудени наредниве денови да го искажеме нашиот револт со штрајкови, блокирање на патишта, изјави Богданоски.

Додаде дека во моментов за дел погони има работа, а за другите не. Таму каде се работи, вели, нема услови зашто 10-ина дена во фирмата нема вода, нема суровини. Договорот бил до крајот на 2017 да се реши проблемот со неплатените придонеси од јуни 2012 и за 18 неисплатени плати,

За Лазар Ангелески, претставник на гранковиот синдикат СИЕР при Сојузот на синдикатите на Македонија од доаѓањето на новото раководство пред шест месеци не се решени проблемите.

– Одржавме состанок со раководството на „Еурокомпозит“ за да најдеме решение на проблемите, но не добивме никаков конкретен одговор. Вчера требаше да се одржи средба на раководството, претставници на Управниот одбор и на Гранковиот синдикат, но нема ништо од тоа. На повидок нема ниту решение за технолошкиот вишок. Има работа само за 50 вработени кои не може да обезбедуваат плата за сите и работниците се принудени да решаваат за идните постапки. Сметам дека немаше проблем да се решат состојбите во оваа фирма во која државата е сопственик. Впечаток е дека на некој начин се принудува фирмата да оди во стечај. Ако е така, тоа треба раководството да го предложи, вели Ангелески.

Директорот на „Еурокомпозит“ Александар Кузески во телефонската изјава најави наскоро да ги објасни состојбите и дека државата бара решение за наменската фабрика и единствен загубар „Еурокомпозит“ во која се околу 260 вработени.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *