Бектеши: Турција важен трговски партнер, добредојдени инвестиции во стратешките сектори

Турција е значаен трговски партнер на Македонија и трговската размена бележи раст. Добредојдени се инвестиции во стратешките сектори, истакнал министерот за економија Крешник Бектеши на синоќешната средба со Управниот одбор на  Стопанската комора на Македонија – Турција (МАТТО).

Тој, како што денеска соопшти Министерството за економија, посочил дека Турција се наоѓа на 8-то место во трговската размена во периодот јануари-ноември лани и оти вкупните турски инвестиции во Македонија изнесуваат 1,2 милијарди САД долари и претставуваат 35 проценти од вкупните странски инвестиции.

– Посветено се работи на градење стабилна и предвидлива бизнис-клима за да можете вие и вашите компании да креирате деловни развојни планови, но и да влегувате во нови инвестиции без одолговлекување и неизвесност. Поради традиционално добрите трговски односи кои ги имаме со Турција, одличните примери за успешно работење кои ги покажавте со досегашните инвестиции во Македонија, како и економскиот и инвестиционен потенцијал на вашата земја, сакам да напоменам дека посакувани и добредојдени се инвестиции во стратешките сектори, како што се производството на автомобилски компоненти, информатичко-комуникациската технологија, земјоделството и преработката на храна, бизнис-услугите и аутсорсингот, фармацевтската индустрија и медицинските помагала, енргетиката и обновливите извори на енергија, туризамот, градежништвото и инфраструктурата, истакнал Бектеши.

Од страна на МАТТО е нагласено дека ги поддржуваат сите активности на Владата во создавањето на услови за унапредување на економската соработка меѓу Македонија и Турција.

Претседателот на МАТТО, Ајдован Адемоски посочил дека ги поддржуваат сите активности насочени кон ревизија на Договорот за слободна трговија меѓу двете земји во смисла на либерализација на трговијата со земјоделски и прехранбени производи и осовременување на договорот во однос на услугите и инвестициите.

Членовите на Управниот одбор на МАТТО ја искористиле приликата со министерот да разменат информации и за новиот закон за енергетика.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *