Претставници на НАкС на средба со министерот за образование Адеми

Претставници на Независниот академски синдикат (НАкС) денеска ќе имаат средба со министерот за образование и наука Арбер Адеми во МОН на која ќе разговараат за повикот на дел од ректорите на јавните универзитети да се основа нов синдикат кој треба да потпише колективен договор со единствена точка – покачување за 10 проценти на платите на вработените во високото образование.

– На средбата ќе се разговара за настанатата ситуација откако ректорите на дел од јавните универзитети преземаа незаконита иницијатива за организирање и основање нов синдикат, како и за можностите да се изнајде конзистентно, долгорочно и сеопфатно решение за регулација на исплатата на платите на вработените на јавните универзитети и на сите други прашања од областа на работните односи, соопшти НАкС и најави дека во 13.30 часот пред МОН ќе информира за исходот од разговорите со министерот.

Независниот академски синдикат (НАкС) и Синдикатот за образование, наука и култура (СОНК)  минатата недела одвоено искажаа незадоволство, а нивните претседатели вчера излегоа на заедничка прес-конференција на која беше најавено дека, веројатно, ќе се здружат за да ја докажат својата репрезентативност.

В.д. претседателката на НАкС Елена Џукеска и претседателот на СОНК Јаким Неделков истакнаа дека со повикот да се основа синдикат се прави упад во синдикалното организирање, а вработените во високото образование се уценети дека нема да го добијат она што веќе им е ветено. 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *