Општина Прилеп во моментов има долг од 202 милиони денари или неполни 3,5 милиона евра и поради сомнежи за незаконско и ненаменско трошење пари од буџетот, инспекторите од надворешната канцеларија за економски криминал при МВР по налог на јавниот обвинител вршат контроли врз финансиското работење на општината во изминатиот период.
Ова денеска на прес-конференција го изјави прилепскиот градоначалник Илија Јованоски, говорејќи за состојбата во локалната самоуправа при неговото назначување.
Јованоски рече дека една била ситуацијата при примопредавањето на должност со претходниот градоначалник Марјан Ристески, а по две недели долгот на општината драстично се зголемил кога стигнале побарувања за наплата.
– При примопредавањето на должноста, ни беше презентирано дека во касата на општина Прилеп се наоѓаат околу пет милиони денари, а долгот спрема доверителите е околу 25 милиони денари. На прв поглед изгледаше релативно добро, но за жал, не беше така. По два-три дена долговите се зголемија на 29 милиони денари, а по две недели долгот достигна до 104 милиони денари Ако кон ова се додаде и долгот кон Светска банка што се плаќа на рати, едниот кредит е 40 милиони денари (треба да се исплати до 2026 година), другиот 20 милиони денари (ќе се плаќа до 2022 година) и лизингот за моторните возила од 2,2 милиона денари, вкупниот долг што општината во овој момент треба да го исплати е 166 милиони денари. На ова треба да се додаде ризичниот фактор на отуѓени побарувања што треба да ги исплати општината, на фиичкии правни лица, а се извесни, а тоа се околу 36 милиони денари, и тоа без законска затезна камата и без судски трошоци. Со тоа долгот на општината во овој момент е 202 милиона денари или неполни 3,5 милиони евра, изјави Јованоски.
Во општината се вкупно 155 вработени, од кои 95 на неопределено и 60 со договор на определено работно време. Овие податоци се од соодветните служби од општина Прилеп. Според Јованоски најголеми побарувачи на средства се одредени фирми. Детали за ова содржи извештајот на Државниот завод за ревизија и упатуваат на сомнежи за незаконско работење и ненаменско трошење на народните пари и во моментот конроли врши МВР.
– Најголеми побарувачи на средства се фирми блиски до поранешниот градоначалник Марјан Ристески и до партијата ВМРО-ДПМНЕ: „Новоградба“, „Електро Точила“, „Пелатранс“ и „Матадор“. Поради сомнежот за незаконско работење и за ненаменско трошење на парите, инспекторите од надворешната канцеларија за економски криминал при МВР по налог на јавниот обвинител вршат контроли врз финансиското работење на општината во изминатиот период, рече Јованоски.
Прилепскиот градоначалник уверува дека ова не е кочница во неговото рабтење.
– Ве уверувам дека сите обврски спрема доверителите ќе бидат подмирени, а вработените нема да имаат проблем со земањето плата, изјави Јованоски.
Годишниот буџет на општина Прилеп е околу 18 милиони евра.
This article had me hooked! For those curious, here’s more: DISCOVER MORE. What are your thoughts?