Изјави на стипендистите од Фондацијата на Атанас Близнаков

Прави го она во што веруваш

и верувај во она што го правиш.

Сè останато е расипување

на вербата и губење на времето

  • – Мудра изрека

Од 1979 година до денес Фондацијата „Атанас Близнакоф” имала 273 корисници на стипендии. Тие биле на сите факултети кои се во рамките на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј” во Скопје.

Во оваа прилика ке поместиме изјави на дел од студентите. Така, Гоце Ристовски беше еден од првите шест стипендисти на Фондацијата „Атанас Близнакоф”. Тој е роден на 8.04.1958 година. По завршувањето на гимназијата во Крива Паланка во учебната 1976-77 година, се запиша на Филолошкиот факултет во Скопје, на групата Југословенска литература.

Следната учебна година во рамките на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје почнаа со работа Интердисциплинарните студии по новинарство на кои се запиша и Гоце Ристовски, користејќи ја можноста за напоредно студирање, како студент со висок просек од веќе положените испити на Филолошкиот факултет.

Истата учебна година, донаторот Атанас Близнаков по неговото враќање во татковината, ја основа својата Фондација за стипендирање на талентирани студенти, во која Гоце Ристовски стана еден од првите корисници на стипендијата од Фондацијата.

Гоце Ристовски кој беше уредник во Културната рубрика во весникот ,,Нова Македонија”, за Фондацијата го изјави следното::

Стипендијата од Фондацијата ,,Атанас Близнакоф” претставуваше исклучителна можност и мошне значајна поддршка на многумина млади и талентирани студенти, бидејќи во голема мера ги решаваше нивните материјални проблеми. Нејзиниот износ беше висок, двеста американски долари годишно во динарска противвредност, па освен основната егзистенција, можевме да си допуштиме и набавка на нужната и дополнителна литература.

stipendii2

Атанас Близнаков себеси се даруваше целосно на Македонија. Неговата поддршка преку Фондацијата не беше само материјална, туку и духовна, инспиративна… Неговиот однос кон „своите деца”, неговите стипендисти, беше татковски, што го покажуваше во средбите со нас, заеднички и индивидуални. 

Човекот што во Македонија дојде со големо богатство и што несебично го даруваше на татковината, ја донесе и исклучително значајната книга „Локвата и вињари” од Македонецот Лазар Поп Трајков, што под редакција на академик Блаже Конески беше публикувана. Меѓу студентите корисници на стипендијата од Фондацијата на Атанас Близнаков се разви и пријателство. Од тој период ме врзуваат многу спомени од другарувањето со Стојче Наумовски, кој исто така, напоредно студираше два факултета и тоа пријателствување траеше до неговото заминување од земјата.

Повеќемина од корисниците на стипендиите на најдобар начин возвратија на благодарниот чин на Атанас Близнаков, оставајќи траги низ својата натамошна работа во духот на замислите на донаторот, кој над сé ја љубеше татковината, својата, нашата Македонија”.

 Доц. д-р Сретен Андонов исто така, беше еден од студентите кои биле стипендисти на Фондацијата „Атанас Близнакоф”, кој со одбрани зборови говори за значењето на Фондацијата. Помошта на Атанас Близнаков ја смета за многу корисна за студентите токму во најтешките денови од финансиски аспект. Затоа хуманитарното дело на донаторот ќе биде вечно, вели д-р Андонов.

Инаку, д-р Сретен Андонов е роден на 16.02.1964 година во Скопје. Основното  и средното образовнаие ги завршил во Скопје, со одличен успех. Во учебната 1982/83 година се запишал на Земјоделскиот факултет во Скопје, отсек сточарство, и заминал на отслужување на воениот рок.

Во наредните години ги започнал студиите, а ги завршил во јануари 1988 година со просечен успех 9,03. Како солиден студент во учебата 1985/86 година стана стипендист на Фондацијата „Атанас Близнакоф” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје. Од 01.01.1989 година е примен на работа на Земјоделскиот факултет како асистент на предметот општо сточарство.

Постдипломските студии од областа на генетиката и селекцијата на домашните животни ги завршил во 1994 година на Биотехничкиот факултет во Љубљана. Во меѓувреме бил на неколку студиски престои во Медитеранскиот земјоделски институт во Сарагоза, Шпанија. Таму ги изучувал современите методи што се применуваат во селекцијата на малите преживни животни.

Во текот на 1992 година учествувал во програмата „Миссион Цаприне” организирана од Владата на Франција. Во 1995 година го посетувал курсот „Увод во дизајнирање и економика на стратегиите за одгледување на домашните животни”, одржан во Прага, како дел од годишната конференција на Европската асоцијација на сточарското производство.

Во 1996 година ја пријавил докторската дисертација под наслов „Селекција на козите со примена на модел на лактациска крива” на Земјоделскиот факултет во Скопје. Дисертацијата ја одбранил во 1997 година.

Од јануари 1998 година е избран за доцент на предметот општо сточарство на Земјоделскиот факултет во Скопје.

Доцентот д-р Сретен Андонов за Фондацијата „Атанас Близнакоф” рече дека стипендијата ја добил како признание за неговиот успех во студирањето и дека таа претставувала стимулација во неговата натамошна работа.

stipendii3

Панорама на Скопје

М-р Златко Пејковски бепе еден од првите студенти кои добивале стипендија од Фондацијата „Атанас Близнакоф”. М-р Златко Пејковски е асистент на предметот месо и преработки од место на Земјоделскиот факултет во Скопје. Тој е роден на 01.03.1965 година во Скопје, каде што средното образование го завршил во гимназијата „Георги Димитров” со континуиран одличен успех во текот на школувањето.

Во 1983/84 година го отслужил воениот рок, а во 1984 година се запишал на Земјоделскиот факултет во Скопје, на сточарската насока. Дипломирал во 1988 година, со просечна оценка 9,66, што е еден од највисоките просеци. Во текот на студирањето, како член на меѓународната организација за размена на студенти за техничко искуство, во 1987 година престојувал во Западна Германија, работејќи во живинарска кланица. За време на студиите бил избран за демонстратор.

Како резултат на постигнатиот успех за време на студирањето, Златко Пејковски бил корисник на Фондацијата „Атанас Близнакоф” и стипендист на Републичката заедница за научно-истражувачка дејност. Во 1989 година се вработил на Земјоделскиот факултет во Скопје и се запишал на постдипломски студии на групата за технологија на анимални производи – подгрупа месо. Магистрирал во 1994 година со просеча оценка 9,40.

За време на постдипломските студии, во 1992 година, м-р Златко Пејковски добил стипендија и истата година го завршил курсот „Квалитетот на месото и трупот кај преживарите”, организиран од Меѓународниот центар за постдипломски студии во Сарагоса – Шпанија, а во 1993 година добил стипендија од турската агенција за соработка и го завршил курсот од областа на преработката на храната во Измир – Турција, на Егејскиот универзитет. Како автор или коавтор има објавено повеќе научни трудови.

Андон Чибушев беше  еден од стипендијантите на Фондацијата ,„Атанас Близнакоф”. Тој беше директор на Клиниката за токсикологија и ургентна интерна медицина. Тој е роден на 11.11.1959 година во градот Чирчик поранешен Советски Сојуз, а сега Република Узбекистан. Виорот на Граѓанската војна во Грција ги однел неговите родители во далечниот Узбекистан, каде што е и роден.

Меѓутоа носталгијата и љубовта кон родната грутка ги терал неговите родители да се решат и да се преселат засекогаш во Скопје – Република Македонија, за да бидат поблиску до дедовскиот праг. Андон Чибушев основното образовнаие го завршил во основното училиште „Кузман Шапкарев” со одличен успех, а средното образование во гимназијата „Браќа Миладиновци”, исто така, со одличен успех. Потоа, во учебната 1978-1979 година се запишал на Медицинскиот факултет во Скопје, каде што успешно ги завршил студиите во 1985 година.

stipendii4  stipendii5

Андон Чибушев го изјавил следното: Во 1980 година во студентскиот печат прочитав дека нашиот сонародник Атанас Близнаков ќе отстапи дел од своите средства во Фондацијата кои ќе бидат употребени за стипендирање на студенти кои студираат на Скопскиот универзитет. Тоа ме натера да конкурирам и, имав голема среќа и чест да станам еден од првите студенти коишто ја добија стипендијата на Фондот „Атанас Близнакоф”, и со тоа ја добив довербата на човекот којшто од сé срце сакаше на кој и да е начин да ѝ  се оддолжи на својата татковина, да направи нешто за својот народ.

Андон Чибушев во текот на студирањето постојано бил во близок контакт со Атанас Близнаков и со неговата сопруга Славка; за што ќе  изјави дека сите радости и тешки моменти во текот на студиите на некој начин ги споделувал со нив, наоѓајќи разбирање и искрена помош во решавањето на своите проблеми во текот на студирањето.

Неговото успешно студирање и помошта од Атанас Близнаков вродиле со плод и во јуни 1985 година, со висок просек, завршил и стажирал на Медицинскиот факултет. По завршувањето на студиите и отслужувањето на воениот рок се вработил на кратко во Воената болница во Скопје, а оттаму на Клиниката за токсикологија и ургентна интерна медицина при Клиничкиот центар во Скопје.

Во 1993 година успешно ја завршил специјализацијата по интерна медицина и бил избран за асистент на Медицинскиот факултет. Како резултат на неговата успешна работа во 1999 година е назначен за директор на Клиниката за токсикологија и ургентна интерна медицина.

Продолжува

New Katin

Пишува: СЛАВЕ  КАТИН

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *