Николовска и Силјановска со различни ставови за амандманска расправа за законот за јазици

Со амандманска расправа и прифаќање на некој амандман би се добил нов текст на законот за употреба на јазиците. Тоа веќе не е стариот законски текст, туку нов кој ќе оди повторно кај Претседателот на Република Македонија кој ќе треба да одлучи дали ќе потпише указ. Тоа се би одело во круг, смета поранешната судијка во Уставниот суд Маргарита Цаца Николовска. Според неа, кога на Претседателот ќе му се даде нов текст на закон тогаш тој е повторно во можност указот за прогласување да не го потпише.

– Амандманската расправа во оваа фаза, според мене, е невозможна затоа што таа веќе поминала. Сега, доколку се дозволи амандманска расправа и до колку се донесе некое решение во коешто некој од амнадманите ќе биде прифатен, ние го немаме стариот закон, ние веќе имаме нов закон, рече Николовска во вечерашната дебата „Топ тема“ на ТВ Телма.

Указот за прогласување на законите го потпишува Претседателот и нему му е дадена можност да не го потпише. Тогаш, според Уставот, Собранието повторно го разгледува законот. Доколку биде усвоен со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници, Претседателот на Републиката е должен да го потпише тој указ.

Според Николовска, пратениците сега, имајќи ги предвид укажувањата на Претседателот, имаат можност да гласаат или не за овој закон, – Ако простото мнозинство гласа за законот, тогаш обврска според Уставот е Претседателот да мора да го потпише указот, додаде Николовска.

Рече и дека не е завршена комплетната процедура за влегување во сила и дека кога законот ќе биде донесен, тогаш за него може да одлучува Уставниот суд.

Професорката по уставно право од Правниот факултет Гордана Силјановска, пак, смета дека кога Претседателот ќе го врати со вето законот назад на уште едно разгледување од страна на пратениците, тогаш е актуелна одредбата од собранискиот Деловник – трето читање на законот и амандмани кои се во врска со укажувањата на Претседателот.

– Кај нас е комплицрана ситуацијата затоа што кога имате донесување закон во скратена постапка, второто и третото читање се заедно. А овој закон е таков што требаше да оди во редовна постапка, рече Силјановска.

Во други земји, особено во оние каде претседателите се избрани на директни избори, рече таа, кога ќе се врати законот се бара двотретинско, а не апсолутно мнозинство.

– Затоа што тоа е на некој начин кочница на Собранието. Никој не му ја одзема неговата законодавна функција, но го тера во рамките на укажувањата да размисли за  амнадманите коишто може да се врзат за забелешките на Претседателот на Републиката, нагласи Силјановска. Додаде дека тоа не значи суспензија на Собранието, туку е редовна пракса во многу земји со развиени демократии.

– Ако Собранието повторно го изгласа овој закон со апсолутно мнозинство, Претседателот, за жал, ќе мора да го потпише указот, рече Силјановска.