Нимиц во Скопје на средби со државните и политичките лидери

Медијаторот на ОН во спорот за името Метју Нимиц по посетата на Атина, денеска во Скопје ќе има средби со претседателот Ѓорѓе Иванов, премиерот Зоран Заев, со министерот за надворешни работи Никола Димитров, како и со претседателите на ВМРО-ДПМНЕ и на ДУИ, Христијан Мицкоски и Али Ахмети.

Официјална изјава за посетата и ефектите од разговорите во Скопје медијаторот Нимиц, според најавите од МНР, ќе даде по средбата со министерот за надворешни работи Никола  Димитров.

Тој во земјава дојде вчера и по пристигнувањето само кусо порача дека „по Атина очекува добри разговори и во Скопје“.

– Имавме добри средби во Атина. Се надеваме дека ќе имаме добри средби и тука. Се радувам на средбите во Владата и со другите лидери во Скопје, изјави посредникот Нимиц по пристигнувањето во Скопје.

По средбата со министерот за надворешни работи на Грција Никос Коѕијас, Нимиц изјави дека постои моментум и оти е време за носење одлуки. На средбата двајцата разговарале за идеите кои медијаторот ги достави пред две седмици, ги слушнал позициите на владата и оцени дека грчката Влада е искрена и активна во решавањето на проблемот. Тој не сакаше да ги открие неговите идеи и предлози, велејќи дека не е добра идеја да коментира што предложил. Посочи дека во медиумите протекле некои од идеите, но нагласи оти јавно засега не може да зборува за тоа.

И од македонската Влада, како што истакна вчера нејзиниот портпарол Миле Бошњаковски, сметаат дека сега е вистинското време да се изнајде решение и оти постои и политичка волја и градење  на односи со Грција кои се на едно повисоко ниво од се што било досега во  претходните години.

Во меѓувреме, шефот на грчката дипломатија Коѕијас, откри дека Грција кон средината на февруари ќе и достави на Македонија нацрт спогодба со четири точки – предлози за името, иредентизмот, меѓународни и регионални односи на Македонија и мерки за позитивна агенда.

За тоа дали македонската Влада била известена за планот на Грција, владиниот портпарол вчера наведе дека заемно течат сите работи.

– Разговорите се водат под медијаторство на Метју Нимиц во рамки на ООН. Во таа рамка се водат и директни средби  помеѓу министерствата за надворешни  работи, потоа се крена еден степен погоре на ниво  на премиери. Разговорите, преговорите се водат така што заемно ги работиме сите работи, рече Бошњаковски.

Односите меѓу Македонија и Грција вчера ги комнметираше и поранешниот грчки премиер од редовите на ПАСОК, Костас Симитис. Тој, јави дописникот на МИА од Атина, смета дека националниот интерес налага решение на спорот.

Дека евентуалното постигнување договор е национален интерес на Грција смета и грчкиот заменик министер за надворешни работи Јоргос Катругалос, кој изрази уверување дека ќе ја добие потребната поддршка во Парламентот.

– Не знам дали ќе постигнеме договор, но не се сомневам дека ако дојде до тоа, ќе биде прифатен од мнозинството во Парламентот, рече Катругалос.

Во контекст на можното постигнување договор меѓу Македонија и Грција, генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг за вчерашното издание на белградскиот весник „Политика“ порача дека Алијансата ќе испрати покана на Македонија за членство по заеднички договорено решение за спорот.

И покрај создавањето позитивна клима за постигнување договор, во Атина за 4 февруари е закажан нов протест за името на Македонија, кој со тројца митрополити ќе го поддржи и Грчката православна црква.

За ставот на црквата против употребата на терминот Македонија и за учеството на ГПЦ во протестот на 4 февруари во Атина, архиепископот Јеронимос ги известил организаторите на собирот на нивната средба во атинската архиепископија. Претходно, протест за името на Македонија се одржа и во Солун на 21 јануари.

Вчера во Грција беа објавени и резултати од анкета на јавното мислење во врска со терминот Македонија во името, при што „не“ за сложено име со вклучен термин Македонија кажале над половина Грци, односно 59 проценти.

Во анкетата спроведена од агенцијата Pulse за телевизијата Action 24, за 72% од испитаниците е важен спорот за името, а 65% оценуваат дека се позитивни протестите за „Македонија“.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *