Два бункера – сведоци за воените времиња во Струмица

Цели осумдесет години два бункера на поранешните влезови во градот сведочат за тогаш поставената одбрана на Струмица. И двата го издржале забот на времето. Едниот во срцето на Градскиот парк, другиот во дворот на средното училиште „Никола Карев“. За одржувањето на првиот се погрижил ЈПКД „Комуналец“, а за вториот учениците и вработените, кои пред извесно време таму одржаа уметнички перформанс за Денот на мирот.

Бункерот лоциран во паркот во времето пред Втората светска војна бил на влезот во Струмица од Радовиш, односно Василевскиот пат, а другиот, во дворот на училиштето, бил на тогашниот влез од Валандово.

Повозрасните струмичани знаат за бункерите и како што кажуваат ги гледаат секој ден, ама малку знаат за нив. МИА успеа да пронајде соговорници, кои тврдат дека бункерите се од пред Втората светска војна, односно се градени од војската на Кралството СХС.

На осумдесет и петгодишниот Драги Пераклиев сè уште му се свежи сеќавањата за бункерите, но и за други фортификациски објекти на влезовите во Струмица.

– Според мои сознанија градени се во 1939 или 1940 година од српската војска. Биле подигнати како прва одбранбена линија од напади на градот. Јас знам и за двата и се изградени од армиран бетон и имаа врата за влез од спротивната страна и мал отвор за поставување на оружјето, најчесто митралез, кои ние ги викавме „кртешници“, раскажува Пераклиев.

Додава дека на влезот во Струмица од Валандово, кај реката Тркајна, имало и бетонски пречки во облик на пирамида, кои биле наменети за запирање на тенковите, но по капитулацијата на тогашната југословенска војска и доаѓањето на Германците пречките биле уништени.

– За време на окупацијата бункерите не ги користеше никој. По војната беа руинирани, но ми се чини дека во еден период беа санирани, рече струмичанецот Драги Пераклиев.

И деведесет и седумгодишниот партизан Јован Величковски, борец на Четвртата македонска ударна бригада и на Струмичкиот партизански одред, се сеќава на бункерите.

– Кога ја ослободивме Струмица и кога влеговме во градот бункерите и тогаш беа на сегашните локации и знам дека се од српската војска. Потоа, се сеќавам дека едниот остана во близина на тогашната зоолошка градина, која, за жал, не постои веќе подолго време, сведочи дедо Јован.

Историчарите немаат многу сознанија за бункерите и никој не се занимавал посериозно со нив. Во Завод и музеј Струмица нема документи за овие два објекта.

– Колку што ми е мене познато бункерите потекнуваат од периодот на Втората светска војна. Не можам да кажам од кого се градени, но во секој случај потекнуваат од тој период. По капитулацијата на Бугарија, во Струмица доаѓаат Германците и го овозможуваат нивното повлекување од Грција по Вардарската Долина, па можно е да ги подигнале тие, вели историчарот Васил Ѓоргиев Ликин.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *