Промовирани осум маркирани планинарско-велосипедски патеки на Попова Шапка

На Попова Шапка денеска беа промовирани осум маркирани крос кантри планинско-велосипедски патеки кои гравитираат околу скијачкиот центар, проектна активност спроведена од планинарскиот клуб Шара Ски. Во изминатиот период е извршено обележувањето и маркирањето на патеките. Станува збор за веќе постоечки, но запустени патеки, а дел од нив се нови.

– Проектот „Попова Шапка – cross country trails“ има два аспекта. Со проектот ги обновивме и дополнивме постоечката маркација на патеките, подготвени и поставени се патокази, маркирани се патеките со ГПС уред, впишани се координати и карактеристики на патеките, одредени се места за пауза долж патеката, исцрани се мапи од секоја патека со сите поодатоци. Овие места се поставени и пред платото на терасата на Конак, како и во флаерите и брошурите. Вториот аспект е подготовка на Инфо – пакет/брошура за cross country trails на Попова Шапка. Брошурата ќе содржи информации за името, локацијата и должината на cross country патеките, како и висинската разлика, потребното време за возење на секоја од патеките, инфраструктурните објекти долж патеката и слично, изјави Јован Јовановски од Шара Ски.

За користење на патеките на потенцијалните корисници на располагање ќе им бидат повеќе алатки.

-Освен патокази на самите патеки, имаме создадено ГПС рути, апликација за мобилни телефони,  можност за изнајмување велосипеди, ангажирање на лиценциран велосипедски или планински водич, воспоставени мерки за безбедност и медицинска помош и слични потреби, рече Горан Миловановски, лиценциран водич од Шара Ски.

Планинско велосипедската патека наречена „Репетитор МРТ“ е најкратка со три километри и просечно времетраење за поминување од еден час. Патеките „Вакуф“ и „Голема Смрека“ имаат иста должина од по 17 километри. Најдолга е патеката „Шарски води“ или 90 километри и времетраење од 8 до 10 часа. Останатите патеки се наречени „Шарпланинско бачило“, „Вргањ“, „Лешница“ и „Јелак“.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *