Неготинци не сакаат депонија за индустриски отпад на Криволак

Неготинци не сакаат депонија за индустриски отпад на Криволак, бидејќи се плашат за своето здравје. Вака, на моменти и со повисок тон, се изјаснија дел од присутните кои вчера присуствуваа  на јавната расправа за студијата за оцена на влијанијата врз животната средина.

Тие реагираа дека не биле доволно информирани околу овој проект во изминатиот период, прашувајќи зошто има обиди вакво нешто  да се протурка овде, откако претходно нешто слично не  поминало во Гевгелија. Рекоа дека не треба само да се гледа нечиј профит, не може никој да одлучува во нивно име и дека за вакво чувствително прашање е потребен  референдум. Ова не е играчка, земете си го отпадот во Скопје, беше една од реакциите. Се алармираше на стравот од загадување на подземните води, а со тоа и на водата за пиење од која, како што беше речено, пијат армискиот полигон, селата Криволак и Пепелиште и половина Неготино. Незадоволните сметаат дека луѓето немаат никаков интерес од вакво нешто, а предвидените шеесетина вработувања можат да се остварат и во други компании. Се осврнаа и на проблемот,  кој,  според нив,  би го предизвикала депонијата врз животната средина, винарството и винскиот туризам. Таа би била убиство за нив, беше нагласено. Падна и иницијатива за собирање потписи против изградба на депонија.

Не за депонија на единственото заштитено подрачје Орлово Брдо

– Министерството за животна ќе дозволи градба на државна депонија на индустриски отпад на едиственото заштитено подрачје на природата во Неготино, Орлово  Брдо, и ќе предизвика еколошка катастрофа во Вардарскиот крај. Одговор добив дека депонијата била оддалечена 200 метри од заштитеното подрачје. Но, во природата 200 метри се како  два милиметра. Разочарани  сме од локалната власт,  наместо да ни понуди проекти за рурален развој,  ни нуди загадување и  изградба на депонија. Во Неготино ќе се развива депониски туризам.  Се повикува локалната власт да  прекине со овој проект и да понуди поквалитетни проекти и заедно да работиме на развојот на нашиот крај, реагираше во изјава за МИА Сашко Тодоров, биолошки инженер и претседател на Здружението на граѓани ,,Ековита”.

Роберто Паризов, претседател на  регионалното здружение Еко-живот, вели дека луѓето со право се загрижени.

– Препораките на Европската Унија се отпадот да се рециклира, реупотребува, да се затвораат депониите, а јас се сомневам дека тука ќе има такво нешто. Лудило е вакво нешто да се отвори во Неготино, како една од најчистите општини во државата. Се сомневаме, бидејќи според нашите сознанија, се работи за нова фирма со сомнително потекло и не сме начисто за нејзините намери. Не би било во ред вакво нешто на мала врата да се протурка во регионот,  истакнува Паризов.

Локацијата е на Криволак, место викано Шобово, на девет километри воздушно од Неготино, а првите населени места се наоѓаат на растојание од пет километри воздушна линија. Најблизок водотек е Вардар, на растојание од 4 до 5 километри.

Процесот ќе биде безбеден, контролиран и транспарентен

Проектот го претстави Александар Петковски, помошник раководител на Секторот за животна средина при Министерството за животна средина, сектор кој води постапки за оцена на влијание врз животната средина, согласно на законот за животна средина.

На средбата беше кажано дека во март месец било доставено известување за намера со презентирање на проект за депонија за индустриски и неопасен отпад во општина Неготино, за потребите на инвеститор од Скопје. Согласно Законот, Министерството го објавило јавно тоа известување и го задолжило инвеститорот за изготвување на студија за оцена на влијание врз животната средина. Студијата била доставена до општината во месец октомври.

Претставничката на консултантската компанија изготвувач на студијата, ја презентираше пред претставници на општината, граѓани, претставници на невладини, изготвувачи на студии и инвеститори. Таа појасни  дека станува збор за компанија инвеститор, отворена со помош на швајцарска инвестиција пред три години, која главно се занимава со инжинерство, развој и унапредување на контролираното депонирање и примена на алтернативната енергија. Проектот предвидува изградба на инсталација во која индустрискиот неопасен отпад од државава првенствено ќе се третира, а тоа што не може да се третира ќе се одлага на депонија.

Проектот започнал пред три години со изработка на две физибилити студии. Бил изработен извештај за стратегиска оцена на влијание врз животна средина, биле  добиени позитивни мислења од повеќе релевантни институции – министерствата за одбрана, за транспорт и врски, за животна средина и просторно планирање, за култура, за економија и за финансии. Следувала студијата за оцена на влијанијата врз животната средина. Целта е, кажа таа,  да се изгради депонија за современо депонирање на индустриски неопасен отпад со претходно искористување и третман на корисните фракции. Од тој третман ќе се добиваат рециклабилни материјали  што понатаму ќе се продаваат на рециклаторни компании што вршат рециклирање на стакло, метал, пластика и картон.  Со ова, беше речено, државата ќе се приближи чекор напред кон усогласувањето со европското законодавство. Ќе се намалува количеството на депониран отпад и ќе се врши негово рециклирање, искористување. Ќе се влијае исто така врз намалувањето на емисиите на стакленички гасови, ќе се спречи самозапалувањето на депониите кое го има сега, а кое емитира големо количество на метан и CO2  и влијае врз зголемување на емисиите на стакленички гасови.

Алтернативите за избор на локација во овој случај не се разгледувале, бидејќи локацијата каде е предвидена депонијата за инертен и индустриски неопасен отпад, претходно се користела за депонирање на отпад. Во периодот од 2013 до 2015 година, оваа локација, во катастарска општина Пепелиште, била во сопственост на друг инвеститор чија цел била исклучиво депонирање на отпад. За дејноста била издадена и А-интегрирана еколошка дозвола со важност од 50 години, меѓутоа со затварање на компанијата, дозволата престанала  да важи.

Површината на планскиот опфат изнесува 23.78 хектари, депонијата е предвидено да биде поставена на површина од 16-17 хектари,  со животен век од 25 години, (но и повеќе заради предвидениот предтретман). Универзитетот ,,Гоце Делчев” од Штип пред неколку години направил студија за карактеристиките на областа Криволак и се потврдило дека  таа поседува идеални услови за вакви инсталации. На расправата беше кажано дека целиот  процес ќе биде безбеден по здравјето на луѓето и околината, контролиран и транспарентен, а предвидено е и рекултивирање на самата депонија.  Планирано  е да се изработи веб страна на која сите ќе можат да ги видат резултатите од работењето.

-Животната средина ќе има најголем бенефит од изградбата на ваквиот вид инсталација. Со неа, ќе има контролирано управување со отпадот. Ќе се развие секторот за рециклирање во државата. Ќе има развој на регионот, предвидени  се спонзорирања на локални здруженија и клубови и учество во проекти за подобрување на локалната инфраструктура, им беше кажано на незадоволните.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *