Kерамички светилки од 4 век пр. н. е. во Хераклеја Линкестис

Откривањето на вечните тајни на Хераклеја Линкестис е невозможна мисија, но за сегменти од животот на градот, до градот Битола, секогаш има поводи за пишување, истражување и промоција на историското наследство. Таков е случајот со керамичките светилки или ламби од Хераклеја, кои датираат од 4 век пр. н. е. и кои грижливо се чуваат во музејската збирка на НУ Завод и музеј – Битола.

Најстарата зачувана керамичка светилка датира од 4 – 3 век пр. н. е. и е со стандардни димензии, односно должина 10,5 см и висина 3,5 см. Клунот на светилката е извлечен со аглести завршоци од страните и кружен отвор за фитилот. Дискосот е вовлечен, орабен со пластичен прстен со декорација од полукругови по внатрешната страна од прстенот. Отворот за масло е во средината. Светилката има две извлечени рачки по страните во форма на крилца, реципиентот е крушовиден со биконусна профилација, а на рамениот појас има релјефно изведена декорација со фриз од стилизирани вегетабилни мотиви.

Примероците од керамички светилки, освен што ги потврдуваат потеклото, времето и нивната застапеност, воедно го потврдуваат и мислењето дека во Хераклеја постоеле работилници за производство на керамика и керамички светилки. Според пишувањето на Елица Манева, етнолог во пензија, Хераклеја била центар за керамичко производство, а пронајдените калапи за изработка на светилки, со зачуван дел од натпис пронајден во просторот на Големата базилика, се аргумент повеќе за тоа мислење.

Во т.н. сектор југ на Хераклеја е пронајдена и зачувана ламба од 3 – 2 век пр. н. е. чија должина е 10,8 см, широчина 9 см, висина 5,8 см. Светилката има рачки од страните. Устинката е откршена. Отворот за масло е кружен со едно кружно истакнато ребро околу него. Во публикација за Хераклеја, посебно издание од 1979 година, Манева посочува дека во ранохристијанскиот период светилките во Хераклеја ги имало во поголем број, а дотогаш почесто се употребувал факелот како традиционално и поевтино средство за осветлување. Локалното население за осветлување користело и восок, но и лој, уочуваат Аница Ѓорѓиевска и Енгин Насух, во моментов вработени како кустос-советници во НУ Завод и музеј – Битола. Тие посочуваат дека во римскиот период на Хераклеја доминираат бројни керамички светилки… монети, керамички садови за кои се смета дека се од локални работилници, а и парчиња од увоз. Префинетоста на хераклејскиот граѓанин се гледа и по бројноста на фините стаклени садови со кои локалитетот изобилувал.

Во публикацијата Хераклеја Линкестис, истражувања 2008 – 2014, авторите јасно посочуваат дека откриените керамички светилки датираат од 4 – 3 век пр. н. е. и се пронајдени во т.н. јужен сектор на локалитетот. Но во истиот сектор археолозите наоѓаат и керамичка светилка од 3 – 2 век пр. н. е. со димензии од 9,7 см во должина и ширина од 5,7 см. Клунот е извлечен со аглести завршоци од страните и кружен отвор за фитилот. Дискосот е вовлечен, орабен со пластичен прстен, кој продолжува кон устинката со отвор за масло во средината. Рачката е откршена. Реципиентот е крушовиден со биконусна профилација. На рамениот појас има релјефно изведена декорација со фриз од стилизирани вегетабилни мотиви. Светилката има темен премаз.

Хронолошки анализирано, светилките од Хераклеја од 2 – 1 век пр. н. е. се од типовите на т.н. ефески и книдски лампи, а се забележуваат и многубројни локални имитации на овие или други типови светилки, но исклучиво од регионот на Егеја, поточно од Источен Медитеран. Ваквиот репертоар светилки останува претежно до времето на Август, а веќе во 1 век од новата ера со појавата на италските типови се јавува и импорт, увоз и имитација на тие типови. Подоцна, кај светилките, како и останатата керамика од 1 век од н. е. се јавуваат примероци увезени од Италија или работени како имитација на италијанските производи од страна на локални работилници. Во тоа време посебно се копираат светилки со релјефна претстава на дискот од типот „bildlampen”.

Светилката на сликата (долу), која е изработена од керамика, со димензии: должина 11 см, висина 5 см, датира од 2 – 1 век пр. н. е. Клунот на светилката е извлечен и со кружен отвор за фитилот. Дискосот е вовлечен, орабен со пластичен прстен, кој продолжува кон устинката. Отворот за масло е во средината. Рачката е од кружно свиена лента, која е аплицирана со рамениот појас и го надвиснува дискосот. На рамениот појас има ребреста декорација и темен премаз.

Експертите од битолскиот Музеј нагласуваат дека во 5 и 6 век од н. е. во Хераклеја се чувствува силен пробив на африканските светилки (александриски, киренаички и други), како и малоазиски или рановизантиски светилки од 5 век од н. е. Најголем број пронајдени и зачувани керамички светилки од Хераклеја се од локацијата кај Епископската резиденција, која се наоѓа западно од Големата базилика, од север омеѓена со северната улица, а од југ со градскиот бедем. Откриениот дел содржи 15 одаи распоредени околу средиштен двор. Дворот, кој во средината има бунар, претставува централна просторија. Од неговата северна страна се наоѓа голема апсидална трпезарија, од источната мартириум со неговиот нартекс, на јужната страна е изграден трем со аркади, а од западната трем од двете страни омеѓен со аркади. Во југоисточниот дел има неколку одаи со административна или станбена функција. Подовите на полуксузните одаи, една од нив можеби библиотека, се со мозаична површина и датираат од крајот на 6 век. Во контекстот на оваа проблематика треба да се посочи и наодот на остава со стаклени кандила јужно од Големата базилика во нејзината непосредна близина. Вакви кандила со издолжени конусоидни тела, проширени во горниот дел, изработени од темно, маслинесто, зелено стакло се најдени поединечно во голем број во Хераклеја меѓу материјалот што стратиграфски се врзува за 5 и 6 век, се нагласува во Зборник на трудови (4-5), од тогашниот Завод за заштита на спомениците, културата, природните реткости, музеј и галерија – Битола.

Светилка изработена од керамика, пронајдена јужно од Епископската резиденција во Хераклеја, е со димензии: должина 13,2 см, висина 5,8 см и датира од 4 – 5 век. Светилката во средината на дискот има орнамент во форма на крст изведен пластично чии краеви завршуваат со по три концентрични крукчиња. Ободот на дискот е украсен од секоја страна со по едно полукружно гранче по долгнавести листови. Рачката е јазичеста и косо извлечена нанадвор.

На истата локација, јужно од Епископската резиденција и од истиот период 4 – 5 век, пронајдена и зачувана е и светилка со димензии: должина 13,3 см, висина 5,8 см. Светилката во средината на дискот има орнамент во форма на крст изведен пластично, а од претходната светилка се разликува во тоа што краците се трапезоидни. Крстот е поставен во кружна декорација од крукчиња. Ободот на дискот е украсен од секоја страна со по седум концентрични кругови и има еден концентричен круг веднаш над устинката. Рачката е јазичеста и косо извлечена нанадвор.

Керамичките светилки од Хераклеја во музејската збирка на НУ Завод и музеј – Битола се само една од занимливостите, атракциите и предизвиците со кои се соочуваат научни работници, истражувачи, туристи и други посетители во секој период од годината.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *