Не сум сигурен дека ние можеме да ја одведеме француската политика до промена, но сигурно ќе се обидеме, во рамките на нашите можности, правиме повеќе од она што можеме, вели министерот за надворешни работи на Грција, Никос Дендиас во интервју за грчкото радио „Реал фм“.
Како што јави дописничката на МИА од Атина, шефот на грчката дипломатија, кој во вторник доаѓа во посета на Скопје, уште еднаш повторува дека Грција го поддржува проширувањето на ЕУ, бидејќи „тоа е во интерес и на Европа и во интерес на Грција”.
– Дали ќе успееме не можам да кажам. Не сум сигурен дека ние можеме да ја одведеме француската политика до промена, но сигурно ќе се обидеме, премиерот се труди многу во оваа насока. Јас се видов завчера со Димитров, во вторник ќе одам во Скопје, а ќе се видам и со холандскиот министер следната седмица во Атина. Холандија беше една од трите земји кои рекоа не, планираме да одам и во Копенхаген, а ќе се видиме пак и со Французите. Со Ле Дријан се видов завчера на состанокот на НАТО. Во рамките на нашите можности, правиме повеќе од она што можеме, вели Дендиас.
Шефот на грчката дипломатија се согласува со коментарот на новинарот дека е историска шанса да се „коригираат одредени слабости на Договорот од Преспа” и објаснува дека таква можност Грција ќе има само ако се одреди датум за почеток на пристапни преговори.
– Тогаш ние ќе добиеме можност, преку поглавјата што ќе се отвораат да објасниме, бидејќи јас не сакам никого да притискам, да објасниме затоа што некои работи треба да се коригираат, рече министерот за надворешни работи на Грција во интервјуто за грчкото радио.