Жбогар очекува Македонија да постигне национален консензус за прашањето за името

Многу добра вест е што медијаторот за името Метју Нимиц дојде во регионот, бидејќи само преку дијалог може да се најдат најдобрите решенија, рече денеска амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар, одговарајќи на новинарско прашање за очекувањата на ЕУ од посетата на Нимиц и од преговарачкиот процес за името меѓу Македонија и Грција.

– Мислам дека во изминативе неколку месеци видовме многу контакти меѓу владите на Република Македонија и Република Грција и мислам дека можеме да го наречеме тоа како период на загревање за преговори. Исто така, можевме да видиме дека имаше средба меѓу премиерите на двете држави во Давос, рече Жбогар за време на денешната посета на општина Конче.

Според него, ЕУ ги поддржува тие средби и контакти, а претстојната посета на Нимиц е добар индикатор оти преговорите може да почнат и дека можат да дадат некој резултат што ќе биде задоволителен за двете страни.

– Како Европска унија ние бевме многу среќни кога видовме дека се одржа средба на политичките лидери на вашата земја мината сабота за да може да разговараат за ова стратешко прашање. Се надеваме дека ќе може да се изнајде национален консензус по ова прашање, рече амбасадорот Жбогар.

Додаде дека се големи очекувањата на ЕУ од претстојната конференција за Западан Балкан, којашто треба да се одржи следната недела, и од состанокот на Советот на Европа во јуни.

– За ЕУ претстојат многу интересни месеци и веќе следната недела можам да кажам дека Европската комисија ќе ја објави стратегијата за Западен Балкан. Се уште е рано да кажам нешто поконкретно, но оваа стратегија претставува визија на ЕУ како го гледа регионот понатаму во процесот на проширување. Се разбира дека ќе мораме да почекаме до следната недела и до следните месеци и дури до јуни кога имаме состанок на Советот на Европа, рече евроамбасадорот.

Посочи дека од состанокот се очекува да се донесат многу важни одлуки, кои се поврзани со процесот на проширување на ЕУ со земјите од Западен Балкан и оти се надева дека можат да бидат отворени претпристапни преговори со некои земји од Западен Балкан.

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *