Конче е првиот успешен проект за окрупнување на земјоделското земјиште во државата

Земјоделците од општина Конче, до вчера сопственици на многу мали парцели оддалечени по минимум еден километар, денеска едногласно го усвоија предлог-планот за консолидација. Се согласија да ги разменат површините со цел нивно доближување и окрупнување. Тоа ќе им овозможи примена на современа механизација, поевтино производство и зголемени приноси.

Со овој проект, Конче стана првата општина во која е успешно спроведен процесот на окрупнување на земјоделското земјиште во државава. Проектот почна пред околу пет години со поддршка на ФАО, а продолжи да се имплементира со помош на ЕУ.

Консолидацијата во Конче опфати вкупно 28 хектари. Оваа површина беше фрагментирана на 101 парцелa, секоја со просечна големина од само 0,39 хекатри. Окрупнувањето се спроведе по принципот на распределба на парцелите без промена на нивните граници.

 

-Еден сопственик на земјоделско земјиште во Конче поседува во просек четири парцели кои беа меѓусебно оддалечени повеќе од еден километар. Како последица на оваа неповолна структура земјоделците се соочуваа со високи транспортни и производствени трошоци, ограничен обем на производство, намалени приходи и неможност за примена на современа технологија и агро-технички практики.Сега, со новата распределба, земјишните парцели се групираат и нивната меѓусебна оддалеченост значително се намалува. Сопствениците ќе може да го организираат своето производство со пониски трошоци и со примена на современа земјоделска механизација. Очекуваните позитивни ефекти се зголемување на економичноста во работењето, приносите и обемот на производството, а финално, зголемени приходи од земјоделската дејност што треба да придонесе кон подобрена одржливост на руралната заедница во Конче, заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Благе Цветковиќ.

Тој ја истакна заложбата на Министерството за интензивирање на процесот на консолидација во насока на подобрување на неповолната земјишната структура, што е од суштинско значење за подобрување на перформансите и конкурентноста на земјоделскиот сектор согласно со европските стандарди.

Во финална фаза, дополни, е уште еден комплексен проект за окрупнување во селото Егри, општина Битола кој вклучува и интервенции во инфрастриктурно подобрување, а наскоро, до крајот на годината ќе почнат и теренските активности кај уште четири нови проекти во пелагонискиот и брегалничкиот регион: Оптичари, Логоварди, Соколарци и Спанчево.

-По денешното усвојување на предлог-планот за распределба на земјиштето од страна на Собранието на учесници, МЗШВ ќе донесе решение за распределба со цел регистрација на новиот план на земјишни парцели во Катастарот на недвижности, нагласи Цветковиќ.

Според градоначалникот на Конче, Благој Илиев, успешното спроведување на првиот проект за консолидација со распределба без промена на граници во државата, треба да придонесе кон зголемување на свеста за придобивките од окрупнувањето на земјоделското земјиште и да го поттикне интересот за вклучување во процесот и на останатите сопственици на земјиште во другите делови од државата.

Во Конче моментно се одгледуваат житарки, градинарски култури и тутун. На краток рок, по окрупнувањето на земјиштето, не се очекува значителна промена во структурата на култури, но на долг рок, со спроведување современи системи за наводнување и употреба на механизација, можно е воведување култури кои носат повисока профиталност.

Денешното Собрание на сопствениците на земјиштето го организираше Министерството за земјоделство со поддршка на проектот финансиран од Европската Унија „МАИНЛАНД” кој го спроведува ФАО.

 

Leave a Reply

Your email address will not be published. Required fields are marked *