Дел од судбината на Ерусалим – според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин

ДЕЛ ОД СУДБИНАТА НА ЕРУСАЛИМ

Според монографското дело „Израел и Македонија“ на Славе Катин, а во издание на Книгоиздателството „Македонска искра“, од Скопје и Фондација „Ѓорѓија –Џорџ Атанасоски“ од Прилеп,  2017, 1-376, (на англиски, македонски и хебрејски), авторовото патувањето во Израел беше дел од неговите посети на педесетина различни земји ширум  светот

Во, ова дело, меѓу другото се вели дека доаѓањето на Римјаните во 63-тата година пр.н.е., кои овде останале сè до 324 година од н.е., се подигнале бројни замоци, паркови и јавни згради. Храмот, делумно бил обновен по победата на персискиот крал Кир над Вавилонците. Меѓутоа, конечно го обновил еврејскиот крал Ирод, за што Јосиф Флавиј ќе рече дека Храмот бил највеличенствената градба на тогашниот свет.

Светиот Храм конечно исчезнал во огнот на римските легии на Тит Флавиј, во 70-тата година од н.е. Се наведува дека на советувањето пред решавачката битка за Ерусалим, Тит Флавиј и неговите најблиски соработници, решиле да го поштедат Храмот, како сведоштво за возвишеноста на човековиот градителски гениј.

Меѓутоа, воениот жар има свој резон: местото посветено на Бога го проголтале огнените јазици на омразата. Останал само еден потпорен ѕид – денешниот Ѕид на плачот.

Легендата вели дека ноќта кога Ерусалим бил осветлен од огновите кои отворале нова страница во историјата на Евреите, свештениците ги фрлиле клучевите од Храмот кон небото, со зборовите: „Боже, чувај ги сега ти овие клучеви“. Ветерот на историјата го развеал пепелиштето на Храмот низ Јудеја, а Евреите низ целиот свет.

За време на долгите векови прокоба низ туѓиот свет, сеќавањето на Ерусалим и Храмот бил поттик за Евреите да ги издржат сите неволји, но и верба дека еден ден повторно ќе се вратат на својата земја. При градбата на секоја синагога, секаде каде што живееле Евреите, се оставал еден необоен камен во ѕидот – сеќавање на Ерусалим.

Секоја синагога е завртена во правец на Светиот град. Со мислата за Ерусалим почнувал и завршувал денот на секое еврејско семејство. Правило кое и ние Македонците од секаде во светот треба да го применуваме со вртење кон македонскиот Ерусалим, вечниот Охрид.

IIM2

Дел од Ерусалим

Во историјата тешко може да се најде друг пример за толкава поврзаност на една заедница со прадедовската земја и со своето духовно извориште. Долгите векови на перманентен егзодус, понижувања, страдања и истребувања во силните налети на антисемитизмот, само уште повеќе ја зацврстиле таа врска меѓу секој Евреин и Ерусалим, давајќи и аура на најсвета интимна тајна. Мислата за Ерусалим го крепела духот на прогонетите од Шпанија и мачениците од Аушвиц. Со Ерусалим се живеело; со Ерусалим и смртта била полесна.

Ѕидот на поделбата го дели Ерусалим на Источен и Западен дел. Овој ѕид покрај тоа што е физичка поделба помеѓу двата дела на Ерусалим, прави огромни поделби и во обичниот живот на мештаните.

При нашата посета ја слушнавме сторијата за младото момче кое било од палестинскиот дел на Ерусалим и кое било во љубов со Арапка која живее на израелскиот дел од Ерусалим. Природно, нивната љубов требало да се круниса со брак, но поради тоа што живееле од двете страни на ѕидот, можеле да се гледаат само три дена во неделата.

Доколку момчето сакало да добие израелско државјанство, морале да наполни прво 35 години, (а имал 23). Доколку добие израелско државјанство, веќе никогаш немало да може да влезе на палестинска територија и да ги види своите роднини. И покрај сите тие пречки, сепак, тие решиле да бидат заедно.

Ѕидот на плачот е свето место за Евреите. Местото каде Евреите секојдневно се молат, место каде жените и мажите одвоено се молат, местото каде, според Евреите, се случиле најголемите настани кои го одбележале човештвото. Тоа е местото каде се наоѓа каменот од кој е основан светот, раѓањето на првиот човек Адам, местото каде Аврам му служел на Бог, проповедањето на Исус, првиот и вториот храм на Евреите.

IIM3

Ѕидови во Ерусалим

Жалта за Ерусалим не можела да биде потисната и во миговите на најголемата среќа; за време на свадбен ритуал, младоженецот – Евреин со десната нога ја здробува чашата, како симбол на уривањето на ерусалимскиот Храм. Потоа следува молитвата – со задолжително споменување на Светиот град, па дури потоа да настапи славењето кое, исто така, не е лишено од помислата на Ерусалим; секој нов дом, секоја нова генерација е на чекор поблиску на остварувањето на сонот над соништата – враќањето во Ерусалим.

За време на прославувањето на големиот еврејски празник – Пасха, од уста на уста на еврејската заедница се пренесувал заветот: „Догодина во Ерусалим“. Сите знаеле дека тоа „догодина“ значи децении, векови. Меѓутоа, никој не се сомневал дека ќе дојде денот.

И, навистина дојде денот. „Ако тоа го сакате тогаш тоа не е сон – да живеете како слободен народ во својата земја“, зборуваше Теодор Херцл, таткото на ционизмот, сееврејско политичко движење чија цел беше создавање на државата Израел.

Од крајот на минатиот век, илјадници Евреи од сите делови на светот купуваа билет за еден правец: за земјата за која не знаеја ништо и за која не ги врзуваше ништо, освен паметењето и заветот – „Ако те заборавам Ерусалиме…“.

Продолжува

KatS

Пишува: СЛАВЕ КАТИН

SHARE